Преглед на вестите од светот
Огромните шумски пожари што го загрозуваат Лос Анџелес од исток и запад проголтаа речиси 10.000 домови и други објекти, а во округот Лос Анџелес сè уште има 180.000 жители под наредба за евакуација, изјави шерифот Роберт Г. Луна и уште други 200.000 се по предупредување за евакуација. Предупредувањата за евакуација се совети за жителите да се „подготват“ да ги напуштат своите домови веднаш, појасни Си-Ен-Ен.
Најмалку десет луѓе загинаа соопшти Одделението за медицински испитувања на округот Лос Анџелес, но вистинската бројка ќе биде позната откако огнената стихија ќе биде контролорана. Жителите се борат и со загаден воздух, а уништени од пожарот се околу 10.000 објекти. Некои жителите се вратија на местата каде што до пред некој ден беа нивните домови, кои сега се изгорени и опустошени. Пожарите помеѓу Санта Моника и Малибу на западното крило на градот и пожарот Итон на исток во близина на Пасадена веќе се рангирани како најуништувачки во историјата на Лос Анџелес. Тие се на површина од околу 53 квадратни милји – уништувајќи цели населби, буквално до пепел. Ветрови се намалија и тоа им дава шанса на пожарникарите да ги стават пожарите под контрола.
Проценката на штетата и економската загуба е на 135 до 150 милијарди долари, што навестува тешко закрепнување и зголемени трошоци за осигурување на сопствениците на куќи.
Спасувачките служби за помош при катастрофи работат со полна пареа во автономниот регион Ксизанг во југозападна Кина по земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, кој се случи во вторникот. Стотици вработени работат на изградба на монтажни домови за да им помогнат на жителите кои останаа без покрив на главата. Засега се изработени над 100 монтажни куќи. Земјотресот го погоди округот Дингри, Ксигазе при што најмалку 126 лица ги загубија животите, а 188 други се повредени, а над 3.600 домови се урнаа.
Во меѓувреме, материјалите потребни за настраданите почнаа да пристигнуваат во подрачјата погодени од земјотресот. Поради временските услови, силните ветрови работата за подигнување монтажни куќи е ризична, истакнуваат одговрните кои максимално се трудат го забрзаат процесот, но и притоа внимаваат и на безбедноста.
Руската војска во четвртокот објави дека започнала напади врз украинските сили на неколку фронтови, додека Украина рече дека нејзините сили ги отфрлиле руските офанзиви на повеќе локации.
Според руското Министерство за одбрана, руските војници ја уништиле инфраструктурата на воен аеродром на Украина, капацитетите за склопување и складирање дронови и складишта за муниција, додавајќи дека руските војници, исто така, ја продолжиле борбата против украинските сили во руската област Курск. Генералштабот на украинските вооружени сили објави над 100 борбени судири и дека украинските сили успешно одбиле повеќе руски офанзиви во областите како Харков, Покровск и Курахове.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин сака да се сретнат и дека се организира средба меѓу двајцата. Тој ја даде изјавата синоќа, само една и пол недела пред да ја преземе функцијата, по ветувањата за време на неговата кампања да донесе мир во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар