Македонија
15. January 2025 - 16:44

Втор ден протест во администрацијата

Втор ден протест на вработените во администрацијата. Синдикатот на УПОЗ и нивните членови во Министерството за култура и денеска ги напуштија на половина час работните места. Бараат колективен договор со кој ќе се зголемат платите за 30%. Вработените во култура тврдат дека одговорноста им е голема, а платите се под ниво на минималецот, иако нивните колеги од повеќе институции веќе добиле толкаво зголемување. 

- Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи, рече претседателот на Синдикалната организација на Министерството за култура и туризам при УПОЗ, Бранко Костовски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ тврди дека неправедно му се лепи политичка етикета на простестот. Побара опозицијата да ги тргне рацете од нивните барања, а Владата ја потсети дека истите барања ги имале со години наназад. Побара преговрите да почнат што е можно поскоро за наоѓање на заедничко решение. 

- Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем. Но наместо да го решат, направија се што можат да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата Влада која поништи колективен договор. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кои на протестот во декември 2023 над 5.000 вработени од Управата и правосудството излегоа на улица за да побараат плати за достоен живот, вели Деановски. 

Од Владата и денеска велат – протестите се малициозни и политички мотивирани. Свесни дека платите не се високи, но велат – тие се можностите во буџетот. Од Илинденска бб велат дека протестите не се најдобар начин на комуникација, но тие остануваат отворени за постигнување договор со сите сидникални организации.

- Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, велат од Влада. 

Од УПОЗ сепак велат дека прашањето за платите двапати било покренато на Економско-социјалниот совет, но на него од претставниците на Владата не добиле никаков конкретен одговор за можно покачување на платите.