Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп помилуваше околу 1.500 негови поддржувачи кои го нападнаа Конгресот пред четири години, потпишувајќи низа извршни наредби веднаш по инаугурацијата и враќањето во Белата куќа. Тој притоа нареди пуштање од затвор на припадниците на групите „Чувари на заклетвата“ и „Горди момци“, чиј лидер Енрике Тарио беше осуден на 22 години затвор. Тој најави дека ќе поништи речиси 80 извршни наредби потпишани од Џо Бајден, кои ги опиша како радикални и уништувачки.
Американскиот претседател рече дека ќе се сретне со Путин, но дека се уште не е одреден датум за средбата. Тој исто така вети дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина што е можно побрзо.
Рускиот претседател Владимир Путин ги поздравува изјавите на Трамп и неговиот тим кои „изразуваат желба за обновување директен контакт со Русија“ и „потребата да се направи се за да се спречи трета светска војна“, нагласувајќи ја подготвеноста на Москва да се вклучи во дијалог.
Украинскиот претседател Володимир му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп и ја поздрави можноста да се постигне мир во неговата земја. Украина речиси три години се бори со руска инвазија и Трамп постојано повикуваше на прекин на огнот.
Киев смета дека негувањето блиски врски со идната администрација на Трамп е клучна цел.
„Ова е шанса што мора да се искористи“, изјави Зеленски.
Повеќе од 630 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа изјави синоќа генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш пред Советот за безбедност на ОН при што најмалку 300 од тие камиони заминале на северот на енклавата, каде според ОН се наѕира глад. Камионите влегоа на првиот ден од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас.
Милијарди долари ќе бидат потребни за обнова на Газа по војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, се проценките на Обединетите нации.
Повеќефазниот договор ќе предвиди првичен шестнеделен прекин на огнот, за време на кој постепено ќе се разменуваат 33 заложници за стотици палестински затвореници, на раселените лица од северна Газа ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови, а израелските војници ќе се повлечат од некои позиции. .
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа стапи на сила во неделата (19 јануари) наутро по речиси тричасовно одложување, паузирајќи ја 15-месечната војна што го потресе Блискиот Исток.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар