Македонија
28. February 2025 - 12:35

Градот Штип, нов мост за соработка помеѓу Македонија и Велика Британија

Текстилната индустрија во блиска иднина може да претставува мост за бизнис соработка помеѓу Македонија и Велика Британија. Градот Штип или како популарно се нарекува „македонски Манчестер“, поради големиот број текстилни компании, може да ја одигра улогата на предводник за привлекување на инвеститори од островот, смета амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Метју Лосон.

-Имаме неколку одлични инвеститори овде и сметам дека секогаш има можност да се привлекуваат нови инвестиции од Велика Британија, преку Британската бизнис асоцијација, да ги охрабриме и останатите да дојдат во Штип. Јас сум многу опстимист по ова прашање, изјави Метју Лосон, амбасадор на Велика Британија во Македонија.

Освен во делот на локалната економија, Велика Британија активно се вклучува во здравствениот сектор и преку своја компанија аплицира за доизградба на новата Клиничка болница во Штип.

-Мислам дека е одлична британската понуда за доизградба на Клиничкиот центар. Јас сум оптимист дека можеме наскоро да постигнеме договор, додаде Лосон.

Според првичната проектна документација, новата болница треба да биде по врвни светски стандарди со најсовремена опрема, каде ќе има вкупно 300 болнички кревети со систем на пневматска пошта која ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностика и оперативниот дел.