Македонија
5. March 2025 - 17:49

Предложени мерки на претпазливост против две лица по сообраќајната несреќа на автопатот Гостивар-Тетово

Основното јавно обвинителство Гостивар повело постапка и предложило мерки на претпазливост за две лица по вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Гостивар – Тетовo, соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

- Станува збор за двајцата возачи, бидејќи според првичните сознанија едниот 19-годишник од Врапчиште со македонско и словенечко државјанство управувал со автомобил „мерцедес“ со брзина поголема од дозволената, а вториот 47-годишник од Охрид со автомобил „хјундаи“ презел дејствие на промена на коловозната лента без претходно да се увери дека може да го стори тоа без да ги загрози останатите учесници во сообраќајот, појаснуваат од ЈО.

Во сообраќајната несреќа меѓу двата автомобили кои се движеле еден по друг во правец кон Гостивар, животот го загуби сопатничка во автомобилот „хјундаи“, а останатите четири лица-учесници се здобиле со повреди.

- Согласно тоа за двајцата осомничени постои основано сомнение дека би можеле да бидат сторители на тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од ЈО.

Јавниот обвинител предложил на двајцата привремено да им биде одземена патната исправа, да им биде изречена забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и да им биде одредена обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган додека трае постапката.