Во Брисел утре состанок на министрите за надворешни работи на НАТО
Во седиштето на западната воена алијанса во Брисел утре почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, кој ќе се фокусира на зголемување на трошоците за одбрана на сојузниците и продолжување на поддршката за Украина.
- Министрите за надворешни работи на 32-те членки на НАТО ќе разговараат и за продолжување на подготовките за самитот на лидерите на НАТО, што ќе се одржи во Хаг на крајот на јуни, изјави неименуван функционер на Северноатлантската алијанса во изјава дадена пред новинарите во Брисел.
Се очекува министрите да разговараат за тоа како да се одржи моментумот во зголемувањето на трошоците за одбрана и начините за обнова на индустриското производство во одбранбениот сектор, додаде претставникот на НАТО.
Тој наведе дека министрите треба да разменат мислења и за континуираната поддршка на НАТО за Украина и за начините за понатамошно развивање на соработката на сојузниците со партнерите од индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи ги Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.
За време на дводневниот собир во Брисел ќе се одржат три состаноци на Северноатлантскиот совет, клучното тело за одлучување на НАТО.
Ќе се одржи и состанок на Советот НАТО-Украина, на кој покрај шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, ќе присуствуваат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Министрите за надворешни работи на НАТО, исто така, ќе одржат одделни разговори со Каја Калас и со претставници на индо-пацифичките партнери на алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе разговара за темите на министерскиот состанок.
Во изјавата за новинарите во Брисел, неименуван претставник на НАТО посочи дека овонеделниот состанок ќе се одржи неколку недели по важната посета на Руте на Западен Балкан.
- Западен Балкан е регион од стратешко значење, како што истакнаа лидерите на алијансата на самитот на НАТО во јули минатата година. Безбедноста на Западен Балкан е клучна за стабилноста на НАТО и алијансата нема да дозволи таа да биде загрозена, рече претставникот на НАТО.
Руте го посети Сараево на 10-ти март, каде што рече дека НАТО нема да дозволи создавање безбедносен вакуум и закана за мир во таа земја. Еден ден подоцна, тој ја посети Приштина, каде изјави дека НАТО е посветен на Косово и дека неговата посета е најдобар доказ за тоа.
Ново на Сител
-
САД: Земјите кои не возвратија на царините ќе бидат наградени
-
Трамп ги зголемува царините за Кина на 125 отсто, но најавува 90-дневна пауза за останатите земји
-
Дортмунд подготвува нов договор за Ковач
-
Ердоган ја обвини главната опозициска партија за „фашизам“
-
Вучиќ за утврдување одговорност за посетата на повредените од Кочани: Никој не ме пушти, сам си влегов, и што сега?
-
Директори злоупотребиле службена положба и ги оштетиле буџетите на две беровски училишта за вкупно 1.171.000 денари
-
Трендафилов: Владата не е против зголемување на минималната плата, туку останатите два синдиката
-
Изградбата на втората фаза во Затвор Идризово се очекува да започне до крајот на годинава, најави Пандов