Сведочење за случајот со закланите коњи во Зоолошката градина

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот со закланите коњи во скопската Зоолошка градина. На расправата сведочеа актуелниот директор на ЗОО, Зоран Попов, и официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Одговарајќи на прашања на обвинителството, Попов потврди дека постои можност за кланица во рамки на институцијата, но истакна дека од неговото доаѓање во 2022 година не се користело коњско месо. Сепак, според кажувањата на постари колеги, како што посочи, таква практика постоела претходно.
На денешното судење сведочеше и официјален ветеринар од АХВ кој рече дека лично ги видел десетте заклани коњи, како и две живи грла во депото на ЗОО.
Потврди дека за прием на животни во Зоолошката градина е потребен здравствен сертификат, кој во случајот недостасувал.
Освен договорот со КПУ Идризово, како што рече, не биле приложени други документи, што претставува прекршување на Законот за идентификација и регистрација на животни.
Поради тоа, биле изречени прекршочни платни налози, а месото било пратено на уништување во „Дрисла“, додека живите животни биле вратени во затворот, од каде што биле донесени.
Сведокот изјави дека не му е познато што се случило со живите коњи по нивното враќање во Идризово и потврди дека во минатото, при неговото искуство како стажант во ЗОО, се практикувало користење на месо од физички изнемоштени животни за храна на месојадните животни во ЗОО.
Судењето следува по случајот кој произлезе од кривичната пријава од МВР во 2022 година против тогашниот директор и уште петмина вработени во Зоолошката градина Скопје, поради инцидент во кој биле заклани коњи за храна за диви животни.
Екс-директорот Кристијан Стаменов, кој тврдеше дека животните биле добиени од Агенцијата за запленет имот, беше разрешен.
МИА
Ново на Сител
-

Товарно возило усмрти 89-годишен росоманец, затворен патот Градско – Прилеп
-

Муцунски за „средбата“ со Чамова: Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци
-

Лазаров: Словачка е репрезентација која има изграден систем
-

Жалбена расправа за убиствата на Вања и Панче: Палевски тврди дека има пропусти, обвинителството ја брани пресудата
-

Ниту еден од 13-те обвинети полицајци за пожарот во „Пулс“ не призна вина
-

Агенцијата за филм во август ќе распише конкурс за снимање македонски серии
-

СЗО: Ризикот од хантавирус во Европа е низок
-

Пет пријави, а три лица лишени од слобода за семејно насилство во последното деноноќие
