Loading Video...
Македонија
9. April 2026 - 12:15

Преглед на вестите од светот

По постигнатиот договор за прекин на огнот, американскиот претседател изјави дека очекува Вашингтон и Техеран да започнат директни преговори во многу блиска иднина. Притоа Трамп објави дека сите американски бродови, авиони и воен персонал ќе останат на своите места во и околу Иран сè додека целосно не се придржува до договорот.  Трамп изјави дека разговорите за иранската криза ќе се одржат зад затворени врати и дека „само една група значајни „ТОЧКИ““ е прифатлива за САД.

Претходно, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф ги покани делегациите на САД и Иран в петок во Исламабад, каде што треба да се разговара за конечен договор за решавање на конфликтот.

„Војната е привремено избегната и прекинот на огнот е првиот чекор, но нашата крајна цел е одржлив и траен мир, развој и просперитет.“

Според пакистански извори, на средбата би можеле да присуствуваат и претставници од Саудиска Арабија, Турција и Египет, кои претходно се консултираа со Пакистан за деескалација на ситуацијата. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, соопшти дека првиот круг преговори ќе се одржи в сабота, а исто така, подвлече дека Техеран повеќе нема да може да ги снабдува со оружје своите прокси-организации.

Иран ја разгледува можноста за повлекување од договореното двонеделно примирје со САД поради континуираните израелски напади во Либан, истакнувајќи дека во знак на протест сообраќајот низ Ормутскиот теснец е повторно запрен. Само два нафтени танкери поминале пред сообраќајот повторно да биде суспендиран.

„Мислам дека Иранците мислеа дека прекинот на огнот го вклучува Либан, а едноставно не го стори тоа. Никогаш не дадовме такво ветување, никогаш не посочивме дека тоа ќе биде случај, она што го рековме е дека прекинот на огнот ќе биде фокусиран на Иран, а прекинот на огнот ќе биде фокусиран на сојузниците на Америка, и Израел и арапските држави од Заливот.

Иако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф објави дека примирјето експлицитно се однесува и на Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна изјави дека договорот го покрива само конфликтот меѓу САД и Иран. И американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека прекинот на огнот не се однесува на Либан, бидејќи тоа бил одвоен онфликт.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, ги осуди големите воздушни напади на Израел низ Либан, нарекувајќи го потегот скандалозен и срамен злостор. Багаи рече дека прекинувањето на воените операции во Либан е важен дел од прекинот на огнот меѓу Иран и САД, исто како што рече пакистанскиот премиер.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху увери дека привремениот прекин на огнот во траење од две недели бил „целосно усогласен“ меѓу Вашингтон и Израел, негирајќи дека неговата земја била изненадена од потегот на американскиот сојузник. И покрај смирувањето на фронтот со Техеран, воените операции во Либан продолжуваат со несмален интензитет

„Имаме повеќе цели за исполнување - и ќе ги постигнеме или со договор или со обновување на борбите. Подготвени сме да се вратиме на борбите во секој момент што е потребно. Нашиот прст е на чкрапалото.“

Во меѓувреме, Израел изврши најжестоки бомбардирања врз Либан од почетокот на војната. Според Министерството за здравство, загинале 112 лица, а 722 се ранети.