Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање, за кој се поднесени над 200 амандмани.
- Ребалансот на буџетот за 2026 година не произлегува од недостигот на приходи или од нарушена ликвидност на буџетот, туку е резултат на потребата да се усогласат буџетските проекции со новите економски услови, да се обезбедат дополнителни средства за законските обврски што значат редовна исплата на платите во секторите во кои е обезбеден раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и за општините, како и дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера на првиот ден од расправата.
Опозициските пратеници оценија дека со ребалансот не се адресираат клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, додека пратениците од власта посочија дека промените на буџетската каса овозможуваат дополнително зајакнување на економските состојби, прилагодување на реалните економски движења, реализација на развојни проекти.
Со предложениот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард...
Кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од приближно 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна, особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти раст во однос на иницијалниот буџет.
- Првпат корекцијата на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит што ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6-процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1 проценти од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните, што ќе остане принцип на работа на оваа Влада - рече Димитриска Кочоска.
Расправата за ребалансот на Буџетот во матичната собраниска Комисија трае 10 дена.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: Наскоро тендер за целосно сервисирање на жичницата, остранувањето на дивоградбите продолжува
-

Оперативна акција Global Chain за сузбивање на трговија со луѓе: Откриени три кривични дела и 49 прекршоци во нашата држава
-

Трамп: Или ќе биде постигнат договор со Иран или САД ќе ја довршат работата
-

Јаневска: Околу 30 ученици испратени на меѓународни научни олимпијади без грижа за трошоци
-

ОЈО Скопје бара мерки на претпазливост за три лица за насилство врз дете во Маџари
-

Трамп: Решавањето на украинскиот конфликт е поблиску отколку што мислат луѓето
-

Аеродромот на Сицилија затворен поради активност на вулканот Етна
-

СП 2026: Трамп призна дека побарал од Инфантино да го разгледа исклучувањето на Балогун
