Мицкоски: Она што го прави Левица за Изборниот законик е театар за нивниот мал број гласачи

Премиерот Христијан Мицкоски се уште го чека предлогот на опозицијата за Изборниот законик, со цел тој да биде донесен, а со тоа државата да ги исполни сите од предвидените 10 реформски чекори кои треба да се завршат до средината на месецов, а се од интерес на граѓаните. Пратениците од владејачкото мнозинство, вели, имаат усогласен став дека ќе се прифати секој предлог на опозицијата со вградени препораки на ОБСЕ-ОДИХР и содржано гласање на дијаспората. Она што го прават од опозициската Левица со Изборниот законик, вели, е театар за нивниот мал број гласачи.
- Од страна на владејачката група на пратеници во Парламентот имаме усогласен став којшто вели: Кажете што сакате, ставете го на хартија, ние ќе го прифатиме. Само да биде содржано гласањето на дијаспората. Една изборна единица? Една изборна единица. Повеќе пари? Повеќе пари. Еве ние ќе намалиме од кај нас, иако сме најголема политичка партија, нека биде за нив. Немаме никаков проблем. Сѐ што мислат дека тие треба да направат, ние ќе го прифатиме. Но, за жал, еве до денеска немаме сѐ уште никаков повратен одговор од страна на опозицијата, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Битола.
Појасни дека земјава имала 10 реформи што требало да ги заврши, а биле во грејс период со рок до крајот на јуни, а сега има одредено продолжување до средината на јули. Додаде дека меѓу нив е и Изборниот законик, кој е последниот што треба да биде донесен.
- Ние цениме дека начинот на којшто моментално гласа дијаспората, односно иселениците, не соодветствува на вистинскиот капацитет, односно тие не можат да излезат во доволно голем број да го дадат својот глас, да го реализираат своето право. Особено иселениците во Австралија, Канада и останатите прекуокеански земји. Тие треба 10 часа да летаат натаму-наваму за да го остварат своето право. Ние се обидовме да дадеме предлог којшто беше прифатен заедно со сите други измени коишто ги содржат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Завршено беше сѐ, потпишан беше законот. Пратеничката група на Левица не сакаше да го потпише. Велат, „ние се сложуваме со сѐ, фала што ни дадовте повеќе пари. Еве, нема проблем, ќе си ги потрошиме“. Ова што сега го прават нема никаква врска со вистината, рече Мицкоски.
Додаде дека она што сега го прават од Левица е театар за мал број гласачи коишто сѐ уште им веруваат.
Потенцира дека ако вака се однесуваат сега, може да се замисли што ќе се случува доколку тие добијат можност да управуваат со некоја институција.
- Велат ние не се потпишуваме со вас, знаете ние сме Робеспјерови следбеници, не можеме со вас. Така, не може. Ако сакате да учествувате, ќе мора и да имате одговорност. И така рековме не може. Потоа настапи втората опозициска партија, СДСМ, па поднесоа илјадници амандмани. Секој си наоѓаше некаква забелешка. Затоа дадовме јасен предлог и кажавме - седнете, договорете се во опозицијата што сакате, како сакате, дајте предлог во којшто ќе е вклучено гласањето на дијаспората и ние бланко го поддржуваме. Сѐ што сакате, ние бланко ќе ви поддржиме. Само дајте да го завршиме ова до 15-ти јули за да може десетте чекори да ни бидат успешно завршени, за да можеме да идеме во следна фаза, рече премиерот.
Додаде дека се уште нема усогласен став на опозицијата, иако оттогаш поминале неколку денови.
- Кога зборувам усогласен став на опозицијата, тука мислам на СДСМ, Левица, Демократската унија за интеграција и дел од пратениците кои сега како да функционираат во рамките на Парламентот, но еве ќе ги наречам пратениците на Зијадин Села, пратениците на Арбен Таравари, истакна Мицкоски, додавајќи дека тие во моментот се опозиција.
МИА
Ново на Сител
-

Неготинец пријавил измама од 280.000 денари
-

Цврсто сме определени да бидеме лидер во регионот со развојот на дата-центри, тоа е иднината на човештвото, вели Мицкоски
-

МНР: Две малолетни и едно полнолетно лице загинаа во сообраќајна несреќа во Словенија
-

MHERO официјално пристигна во Македонија: Oдржана премиерата на моќниот MHERO II 817
-

Во поплавите во Непал 475 жртви, 2.381 лице се водат како исчезнати од кои 644 се странци
-

УЕФА ќе го тужи Инфантино
-

Попладне наместа услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
-

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Успение на Пресвета Богородица: Во време на премрежија ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри да истраеме на патот на доброто
