Високите температури и ветерот ја отежнуваат борбата со пожарите во Турција

Борбата со шумските пожари продолжува во регионите на Егејското и Средоземното Море, како и во други делови на Турција, каде што високите температури и силниот ветер значително ги отежнуваат интервенциите на противпожарните екипи, јави Анадолија.
Најкритична е состојбата во округот Мугла, на егејскиот брег, каде што пожарот што избувна вчера брзо се прошири под влијание на силниот ветер, налагајќи евакуација на државната болница во градот Сејдикемер и на жителите од стотици куќи, пренесува агенцијата ДХА. Воздушните и копнените екипи интензивно интервенираат во подрачјата Јешилјузумлу и Сејдикемер, во близина на познатиот туристички центар Фетхие.
Според турското Министерство за земјоделство и шумарство, поголемиот дел од стихиите ширум земјата се ставени под контрола, а активностите за догасување и разладување на теренот продолжуваат непрекинато од воздух и од земја.
Во близина на медитеранскиот туристички град Анталија, активни се пожарите во реоните Кумлуџа и Каш, иако и тие во голема мера се ставени под контрола благодарение на брзата реакција на пожарникарите. Екипите продолжуваат со интервенција и кај пожарот во реонот Сападере, во близина на летувалиштето Аланија.
Во регионот на Мраморното Море, во округот Баликесир, пожарите меѓу градовите Ѓомеч и Едремит бараа делумна евакуација како превентивна мерка, но и таму огнот е ставен под контрола.
Пожарите во окрузите Чанаккале и Ајваџик, во близина на Дарданелите, се целосно или во најголем дел локализирани, додека жариштата во реоните Кутахја и Јалова, во западниот дел на земјата, се речиси целосно изгаснати.
МИА
Ново на Сител
-

Етна повторно исфрла пепел, илјадници туристи блокирани на Сицилија
-

МВР и Фондот за здравствено осигурување: Надминат проблемот со здравственото осигурување на вработените
-

Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието
-

Пронајден револвер со куршуми во скопско, лишено од слобода едно лице
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци
-

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителство, едно семејство со хумана одлука спаси два живота
-

ЦУК: Активни два пожара на отворен простор, изгаснати 12 до 18 часот
-

Ѓорѓиевски: Скопје има безбедна вода за пиење
