Судењето за „Пулс“ продолжува со сослушување вешто лице на одбраната

Со изведување докази предложени од одбраната денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На денешното рочиште, како што е најавено, треба да биде сослушано вешто лице предложено од одбраната на обвинетата Милка Едровска - инженерка од фирмата „Венци Проект“.
Претходно заврши сослушувањето на вештакот Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во текот на повеќе рочишта, Обвинителството ги оспоруваше неговите заклучоци за градежните интервенции во објектот, документацијата и условите за евакуација, додека Русески остана на ставот дека од градежен аспект немало реконструкција или пренамена, туку внатрешно ентериерно уредување и занаетчиски работи.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.
На 14 септември годинава, заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. На околу 49 рочишта изведени се 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Судењето почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 обвинети физички и три правни лица. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов почина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
МИА
Ново на Сител
-

Од специјализирана продавница за „Покемон“ украдени карти во вредност од над 130.000 евра
-

Трамп бара од Конгресот дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај
-

Следува променливо облачно и потопло време, од среда повремено силен јужен ветер
-

Изминатото деноноќие 15 пријави за семејно насилство во државава
-

Акциски контроли на подрачјето на Центар во Скопје, констатирани повеќе прекршошци
-

Седум ПП возила и 19 пожарникари гаснеле запалена барака во Жданец
-

Николоски: Охридскиот аеродром годинава ќе достигне помеѓу 370.000 и 400.000 патници наспроти предвидените 130.000 до 2030 година
-

Од утре повторно температури над просекот и повремен дожд
