Мицкоски: Како редовен универзитетски професор, јас сум им пријател на студентите

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на претставникот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, за субвенционираниот студентски оброк, рече дека бил непријатно изненаден и шокиран од начинот на кој, како што оцени, биле навредувани редовни професори. Тој посочи дека и самиот, како претседател на Владата, и министерката за образование и наука Весна Јаневска се редовни професори и дека во текот на годините им помогнале на многу генерации студенти да стекнат знаење, кои им било потребно во животот.
- Како професор, редовен универзитетски педагог и родител, можам да кажам дека бев непријатно изненаден и, би рекол, шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат, како што тој го направи, редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации и генерации студенти сме помогнале да стекнат знаење, кое понатаму им требало во животот и за нив и за нивните семејства, во најмала рака е непристојно - изјави Мицкоски.
Тој рече дека жали што Ходаи не присуствувал на состанокот на кој разговарал со легитимните претставници на студентските движења за студентскиот оброк. Нагласи дека Владата работи на можност студентите одобрената месечна сума да ја користат не само за оброк туку и за дополнителни попусти и поволности во трговските синџири.
- Ние веќе работиме во Владата на тоа, во рамките на она за кое зборував, да може студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума, оној волумен што ќе биде одобрен на месечно ниво да го продолжат и понатаму да го користат во синџирите за дополнителни попусти, дополнителни привилегии - рече Мицкоски.
Премиерот упати порака до студентите дека ги смета за свои пријатели и дека ќе продолжи да ги поддржува посочувајќи дека неговата актуелна политичка функција е привремена, по завршувањето на мандатот, планира повторно да се врати на универзитетот и да работи со студентите.
- И би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач. Бидејќи, на крајот на краиштата, политиката и оваа денешна моја позиција се минлива категорија. Кога сето ова ќе заврши, јас повторно ќе му се вратам на универзитетот и повторно ќе работам и ќе другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, кое се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи - изјави Мицкоски.
Тој посочи дека досегашните активности на Владата се потврда за поддршката на студентите. Како примери ги наведе проектите поврзани со студентските домови, обезбедувањето електронски уреди за секој студент, најавените активности за ученичките и студентските домови, како и изградбата на нови универзитетски кампуси на неколку универзитети.
Додаде дека очекува и понатаму да има поединци што нема да се согласуваат со владините политики, но повторно оцени дека е непристојно редовни професори да бидат понижувани и навредувани јавно.
Бленди Ходаи на прес-конференција пред Управниот суд минатата недела соопшти дека Форумот за образовни промени поднел тужба против Министерството за образование и наука поради, како што тврдат од здружението, непочитување на Законот за субвенционирниот студентски оброк. Од организацијата наведуваат дека МОН во изминатите три години не го спроведувало законското усогласување на износот на субвенцијата со годишната стапка на инфлација, предвидено во членот 2.1 од Законот.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Жената треба да се чувствува најбезбедно во својот дом, со новиот закон се предвидуваат и електронски алки за насилниците
-

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
-

Трамп: На САД не им треба договор со Иран
-

Трамп се закани со двојно зголемување на царините ако Мексико не го запре мигрантите
-

Криминална организација во Солун шверцувала над 17 милиони цигари и незаконски се стекнала со 1,36 милиони евра
-

По аферата со кинеска шпионка, оставка на извршниот директор на „Енвидија“
-

Фон дер Лајен на ЕПЗ во Даблин: ЕУ ќе ја поддржи Украина и во војна и во мир
-

Инвестирани над 40 милиони денари за Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“
