Свет
6. јуни 2016 - 11:04

Во експлозија на складиште за муниција во Шри Ланка уништени стотици куќи

Шрапнели од голема експлозија во воено складиште за муниција во предградие на Коломбо, најголемиот град во Шри Ланка, уништиле една болница и повеќе стотици куќи, додека илјадници луѓе морале да побараат засолниште од евентуални повреди, информираа денеска локалните власти.

Во текот на најголемиот пожар во складиште за муниција во историјата на Шри Ланка погинал најмалку еден војник, додека речиси 50 лица побарале лекарска помош поради повреди или вдишување чад, пренесуваат француските медиуми.

Пожарот бил изгаснат синоќа, околу 12 часа откако избил во воениот комплекс Салава, и предизвикал експлозии, што траеле цела ноќ.

-Пожарот е изгаснат, но експлозиите и натаму траат. Затоа од граѓаните бараме се уште да не се враќаат во своите домови, изјави портпаролот на војската Џајанат Џајавира.

Евакуирани се повеќе илјади лица кои живеат во близина на складиштето со муниција, и префрлени се во блиските училишта и храмови.

Болницата во Салави е евакуирана набрзо по избувнувањето на пожарот, а утринава е утврдено дека таа е тешко оштетена, рече еден полицаец, кој додал дека, за среќа, сите пациенти навреме биле евакуирани.