Езги Алас од Турција победник на Интернационалниот фестивал „Тра-ла-ла”
Дваесет и едногодишната Езги Алас од Турција е добитник на гран при наградата на 16. издание на Интернационалниот музички фестивал „Тра-ла-ла” што од 12 до 15 август се одржа во Битола.
На фестивалот учестуваа 30 млади музички таленти од 12 држави во светот. Покрај учесниците од Македонија, настапија и деца солисти и делегации од Турција, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Австралија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Русија, Хрватска и Кипар.
- Ова за мене е прв интернационален натпревар на кој што учествувам во Македонија. Како претставник на Турција, особено ми значи што наградата ја добив во Битола, градот кој има силни пријателски врски со мојата земја Турција. Битола е прекрасна и среќна сум што тука се здобив со големо искуство на сцената, иако наградата за мене е втора по ред гран при награда која сум ја добила досега на ваков тип на музички натпревари, изјави Алас.
Таа студира на Јашар Универзитетот во Турција на одделот за џез вокали, а се занимава и со балет.
На гала концертот во Центарот за култура во Битола беа доделени и фестивалските награди во неколку возрасни категории. Во првата возрасна категорија првата награда ја освои Дарен Гоцак од Бугарија, втората Илона Шундовска од Македонија, а третата Марија Ана од Русија. Во втората возрасна категорија прва награда ја освои Ула Ложар од Словенија, втората Флора Табатабаи Нејат од Унгарија, а третата награда Александра Чапличка од Полска. Во третата возрасна категорија првата награда и припадна на Александра Вовк од Словенија, втората и припадна на Марија Шимиќ од Босна и Херцеговина, а третата ја освои романецот Лоренцо Раумојсе. Во категоријата на највозрасни пејачи наградени се Антонија Дора Плешко, Јоана Димитрова од Бугарија и Емилија Римпева од Бугарија.
- Како организатори на фестивалот задоволни сме што шеснаесетта година по ред фестивалот успешно опстојува на сцената. Сите 30 учесници од 12 држави имаат прекрасни впечатоци од Македонија и сигурен сум дека повторно ќе се вратат тука. Догодина очекувам уште поголем број на детски пејачи да застанат на сцената на фестивалот “Тра ла ла”, изјави раководителот на фестивалот Тони Алексовски, кој е член во жири комисијата на десетина фестивали во светот и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA.
Фестивалот „Тра-ла-ла” е дел од битолско културно лето „Битфест“ и се одржува со поддршка на општина Битола, а е поддржан и од Министерството за култура.
Ново на Сител
-
Црните кутии на авионот на „Џеџу Ер“ не содржат податоци за последните четири минути од летот
-
Македонија го победи Сесвете во пријателски натпревар пред СП
-
Уште една синагога во Сиднеј прошарана со антисемитски и нацистички симболи
-
Иранската војска покажа подземен ракетен град од каде го напаѓа Израел
-
Во Маврови Анови измерени - 3 степени, преку ден слаб дожд, ноќеска снег
-
Намалена видливост поради магла на патот Тетово-Гајре, Стража и Плетвар
-
Честитка од Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј до архиепископот на МПЦ - ОА г.г. Стефан по повод неговиот именден
-
Рашфорд се враќа во тимот на Манчестер Јунајтед за дуелот со Арсенал