Македонија
29. August 2016 - 12:04

Денеска се слави Свети Јоаким Осоговски

Преподобен Јоаким Осоговски се подвизуваше во втората половина на 11 век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор во една пештера.

Житието не посочува од каде дошол свети Јоаким во Осогово. Биографот забележал „светителот се устреми како многу светла ѕвезда од запад кон исток и пристигнал во Осоговските планини и пустини“. Свети Јоаким бил соподвижник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски. Тие еднаш решиле да се разделат и својот пат да го продолжат осаменички. Така светиот Јоаким се нашол во подножјето на Осоговските планини. Тој се нашол во селото Градец, кај Паланка Криворечна. Бил примен во домот на благочестив болјар. Во разговор со него, светиот го прашал дали некаде низ Осогово има место погодно за подвизување. Тој му одговорил дека во планината е опасно, но во падините има место каде имало некоја пештера покрај реката Скупица. Свети Јоаким се заблагодарил и се упатил кон тоа место. Тој бил восхитен од подвизите на свети Игнатиј Антиохиски Богоносец, па затоа бил спремен за секакви услови : глад, жед, студ и други различни непријатности. Неговата блажена цел била што побргу да го заврши овој живот и да го добие вечното Царство.
Еднаш ловци излегле да ловат, но ништо не уловиле и кога нажалени поминувале покрај неговата испосница, тој излегол им покажал каде да ловат и тие уловиле како никогаш дотогаш. Подоцна имале напредок во целиот живот, се разбира по по средбата и благословот на светиот. Затоа, по извесно време, тие решиле повторно да го посетат, но кога дошле во пештерата виделе дека свети Јоаким веќе ја предал својата душа на Бога. Ловците  достојно ги погребале неговите мошти во испосницата и често доаѓале на гробот да палат свеќи. Тоа било во 1105 година.
На тоа место подоцна подигна црква еден друг подвижник, Теодор од Овче Поле, на кого Свети Јоаким му се јави во сон. Од моштите на преподобен Јоаким потоа низ вековите се случуваа многубројни чуда.