Македонија
9. September 2016 - 8:28

Прием по повод „Денот на независноста“ во Берлин

Со присуство на над 200 гости од германскиот политички, дипломатски, бизнис и културен живот, како и членови на македонската заедница во Сојузна Република Германија, во организација на Македонската амбасада во Берлин беше одбележана 25 годишнината од прогласување на македонската независност. 
 
Обраќајќи се пред присутните гости амбасадорот на Република Македонија Сашо Марковски зборуваше за македонскиот развој, интеграции и реформи како единствен пат по кој се движи земјата. На тој пат како држава и како народ наидовме на многи препреки за кои наоѓавме не секогаш едноставни решенија и кои се надминати со воља, верба и компромиси, порача амбасадорот според кого никој не треба да има дилеми дека стратешките цели на Македонија се членство во ЕУ и НАТО. 
 
- Пријателството не е подарок кој се добива туку нешто што треба да се заслужи, со искреност, со посветеност, доверба, и верба во заедничка иднина. Македонија денес има голем број на искрени пријатели и поддржувачи, што секако е мотив повеќе да се работи на градење на уште повеќе пријателства и соработки. Сојузна Република Германија е наш искрен пријател кој често знаел да ги истакне можностите и но и слабостите и ние тоа го почитуваме. Ако ги земеме за пример економските параметри СР Германија секогаш била на првите три места во соработката со Македонија, уверен сум дека ова пријателство ќе се одржува докажува и гради и во иднина, порача амбасадорот Марковски според кого Европската Унија е едно тело кое што за да биде функционално сите негови природни делови да имаат можност за развој, а Македонија е природен дел од ЕУ. 
 
Во име на германската сојузна администрација пред гостите се обрати Холге Толксдорф шеф на директоратот  за ЕУ и проширување, Југоисточна Европа и Турција во сојузното министерство за економија на Германија.
 
Според Толксдорф, земјите од регионот самите го имаат клучот за развој и стабилност, имаат и желба за приближување кон ЕУ а неговата земја е секогаш тука за да им помогне на тој пат. 
 
- Германија како ментор ја помагаше Македонија во сите области на нејзиниот општествен живот како економски така и политички. Во изминатите години се продлабочуваше соработката на германските и македонските компании, а во октомври заедно со германско - македонската стопанска комора во Скопје ќе отвориме регионално претставништво на германската економија. Од Скопје ќе бидат опслужувани и германските компании во Тирана и во Приштина на кои ќе им се нудат услуги за полесен влез на тој пазар, изјави Толксдорф според кого изборите закажани за 11 декември се императив за Македонија со цел забрзување на евроинтеграциите. 
 
Трговската размена меѓу Македонија и Германија која е најголем надворешен трговски партнер за прв пат оваа година ќе ја надмина сумата од  три милијарди еври.