Париз и Берлин повикаа на европска солидарност во бегалската криза

Министрите за внатрешни работи на Франција и Германија, Бернар Казнев и Томас де Мезиер денеска од Париз ги повикаа земјите членки на ЕУ да покажат солидарност со државите кои се на удар на приливот на бегалци, пред се Грција и Италија.
Апелот на двајцата министри доаѓа во време на се поголеми несогласувања меѓу членките на Унијата околу проблемот со бегалците.
- Наша заедничка позиција е дека е неопходно да продолжи поддршката од ЕУ за државите преку кои бегалците влегуваат во Европа - Грција и Италија, со создавање на центри за прием на мигранти и за зајакнување на контролата на надворешните граници на Унијата, изјави Казнев по средбата со Мезиер.
Казнев нагласи дека поддршката за Грција и Италија треба да се изрази и преку спроведување на планот за прераспределување на мигрантите меѓу земјите членки на ЕУ.
Лани во септември Европската комисија објави план за прераспределба на мигрантите од Грција и Италија во другите земји на ЕУ според утврдени квоти, кој го поддржаа Франција и Германија, но на него се спротивставуваат некои од членките на Унијата, пред се оние од Централна Европа.
На Самитот на ЕУ во Братсилава во петокот, Полска, Словачка, Унгарија и Чешка повторија дека одбиваат да прифаќаат бегалци според квотите на Еврокомисијата. Грција и Италија од друга страна апелираат на поголема солидарност во справувањето со мигрантската криза.
Казнев и Мезиер денеска најавија и дека на средбата на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ кон средината на октомври, Франција и Германија ќе побараат Европската комисија да предложи законска иницијатива за зајакнување на борбата против радикалните исламисти и ќе предложат одржување вежби на новата европска гранична служба до крајот на годинава, со што таа би станала оперативна што е можно побрзо.
Ново на Сител
-

Муцунски во Софија без договор за суштинските прашања: Недовербата и натаму е пречка
-

Мицкоски: Опозицијата и Филипче трујат со лаги, Фон дер Лајен ги демантираше со потврда дека има реформи
-

Трамп се правда по изјавата за уништување градови во Калифорнија: „Бев погрешно разбран“
-

Чупиќ: Јас сум виновен за поразот
-

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата
-

САД ќе го пренесуваат во живо стрелањето на осуденикот Нидал Хасан
-

Нафтата поевтини по најавата на Трамп дека нема напад врз Иран пред изборите
-

Црна Гора и Хрватска денеска ги почнуваат преговорите за отворените прашања
