Свет
18. October 2016 - 12:01

Израел може да ги обнови врските со УНЕСКО ако не се гласа спорната предлог-резолуција

Израелскиот министер за образование Нафтали Бенет изјави денеска дека „би размислил за обновување на професионалните контакти“ со УНЕСКО, доколку организацијата одлучи да го откаже гласањето по предлог-резолуцијата, која според Израел, негира дека Евреите се поврзани со светилишта во Ерусалим.

Бенет ја даде оваа изјава откако мексиканското Министерство за надворешни работи соопшти дека Мексико планира денеска во Париз да се воздржи од гласање.

Мексико беше една од 24-те држави, кои минатата седмица ја одобрија предлог-резолуцијата, поднесена од седум арапски земји, во една од комисиите на УНЕСКО.

Израелски медиуми пишуваат денеска дека доколку Мексико го смени првичното гласање, тогаш Организацијата на ОН за образование, наука и култура би можела да донесе решение за одлагање или откажување на гласањето.

Засега нема официјални индикации дека одлуката на Мексико може да влијае врз дебатите за предлогот.