Македонија
24. May 2017 - 10:26

Честитка од претседателот Иванов по повод „Св. Кирил и Методиј“

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка по повод 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

- Како основоположници на словенската писменост и литература, светите браќа Кирил и Методиј се залагале за развој на христијанската мисла. За важноста и за суштината на просветителската мисија на двајцата браќа, кои внеле нов импулс во верата и во културата на сите словенски народи, говори и фактот што денеска тие се патрони на Европа, наведува Иванов.

Темел на културолошкиот процес, додава, било создавањето на словенската азбука - глаголица.  - Но, нивната мисија и нивното сфаќање за развојот и за ширењето на словенската цивилизациска свест се најдобро изразени преку просветителскиот континуитет на Кирилометодиевите ученици, големите дејци свети Климент и свети Наум, стои во честитката. 

Претседателот укажува на важноста од празнувањето на, како што наведува, историско-културолошкото и епохално значење на светите браќа, како во однос на светската историја, така и во однос на словенството.