Македонија
10. February 2025 - 16:37

Нов шеф доби Вишото јавно обвинителство во Скопје, Хајрулахи е се уште суспендиран

Наташа Крстевска Цалева застанува на чело на скопското Вишо јавно обвинителство. Доаѓа на местото на Мустафа Хајрулахи кој беше суспендиран заради кривична пријава за малтретирање на свои колеги обвинители. Ја предложи државниот обвинител Коцевски, а доби поддршка од сите членови на Советот на јавни обвинители. Со вишото ќе раководи до завршуваше на кривичната постапка против Хајрулахи.

„На денешната седница на Совето на јавни обвинители беше разгледана состојбата во Вишото Јавно обвинителство во Скопје и едногласно беше одлучено да се назначи Јавен обвинител кој ќе раководи со оваа Јавно обвинителство за време додека трае оддалечувањето на Вишиот јавен обвинител“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на Јавни обвинители. 

Крстевска Цалева во предлогот беше посочена како обвинител со интегритет, без забелешки на нејзината работа, а била и неодамна избрана да работи во Вишото обвинителство.

„Членовите на советот сметаат дека се работи за Јавен обвинител кој е стручен во своето работење. Досега немало никакви забелешки во однос на нејзиното работење. Обвинител со интегритет и сметаме дека ќе може успешно да ја извршува оваа обврска“, вели Димитриеска. 

Дисциплинската против Хајрулахи се уште трае, па не се откриваат детали за постапката. Комисијата за утврдување одговорност утврдила неправилности во заведување на предметите во обвинителството. Претходно, Хајрулахи обвини дека трпи притисоци од државниот обвинител заради предметот со бонусите на СЈО.