Нова кривична пријава против екс-директорот на Лотарија Перпарим Бајрами кој исто како и Артан Груби е во бегство
Поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами се сомничи дека ја злоупотребил позицијата и платил најмалку двојно повеќе пари од пазарната цена за закуп на деловен објект во Визбегово. Тој се товари дека на акционерското друштво со кое раководел му нанел штета од околу 400.500 евра.
За ова финансиската позиција против него поднесе нова кривична пријава до обвинителството. Како што е наведено во пријавата склучениот договор не ги исполнувал ниту условите од јавниот повик, бидејќи објектот на ХЕЈ ДООЕЛ Скопје имал поголема површина од предвидените 2000 до 2.500 квадрати, а за останатите 502 квадрати бил склучен договор за послуга. Во договорот не бил опфатен ниту посебниот услов за најмалку 50 паркинг места.
-Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот - деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА согласно намената од договорот за закуп, на правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје му исплатила 24.636.045 денари, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Од Основното јавно обвинителство информираат дека веќе постапуваат по пријавата.
-Со оглед дека осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот и по него се трага со национална и меѓународна потерница, ќе се преземат други дејствија за испитување и прибирање докази, велат од ОЈО.
Инаку Перпарим Бајрами и екс вицепремиерот Артан Груби од претходно се сомничат за проневера на околу 8 милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати. И двајцата се во бегстсво, а МВР во декември по нив распиша меѓународни потерници.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар