Македонија
1. April 2020 - 21:00

Нови мерки на Владата: Нема К-15 и вработувања во јавниот сектор

Нема К-15 за вработените во јавниот сектор, државата ги стопира сите вработувања, а на институциите им е забрането да ангажираат нов кадар дури и во ситуации каде што ќе има заминувања во пензија. Оние постапки за вработување кои се во тек ќе продолжат, а институциите се должни да не почнуваат нови.
Владата во новиот сет на мерки за справување со последиците од корона кризата реши да се посвети на штедење.
Без ветеното покачување остануваат вработените во културата најмалку до крајот на оваа година.
На институциите во јавниот сектор им е забрането да почнуваат постапки за набавка на нови возила, мебел и канцелариска опрема, а расходите за репрезентации, спонзорства и реклами ќе мора да ги сведат на минимум.
Покрај ова, Владата ги задолжи сите јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост тековните расходи за оваа година да ги намалат за 15%.
Покрај мерките за штедење, Владата одвои нешто помалку од 1,3 милиони евра за санација, уредување на клиничкиот центар за да може да одговори на корона епидемијата. Според соопштението од владиниот кабинет, ќе се реконструираат улиците, тротоарите и паркинзите во Клинички за да се овозможи полесен проток на пациенти во оваа здравствена установа која се очекува да го понесе најголемиот товар на епидемијата.
Покрај овие мерки, Владата донесе уредби и за репрограмирање на одредени кредитни линии во насока да му се помогне на бизнисот. Па така нешто повеќе од 50 милиони евра од Европската инвестициона банка се пренасочуваат во поддршка на малите и средни претпријатија.
Професионалните возачи нема да може да полагаат испити додека трае вонредната состојба, а важноста на сертификатите на оние кои ги поседуваат ќе им биде продолжена се до нејзиното завршување.