Македонија
25. November 2020 - 16:47

Нови шокантни сведоштва за условите во битолската болница

После фотографиите од дневната болница во ковид центарот во Битола, каде додека еден пациент прима инфузија, на другите кревети има починати пациенти, излезе ново видео на социјалните мрежи со сведоштво од пациент за условите во болницата во Битола. Тој се задржува на тоалетите.

За фотографиите од вчера, по барање на министерот за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден надзор во дневната болница на ковид центарот со цел утврдување на фактичката состојба, за видеото пак ќе има друг надзор.

Според директората на болницата, состојбите во зградата на Инфективното одделение би се подобриле со изградбата на модуларната болница за која почна да се расчистува теренот во близина.

-Имајќи во предвид, гледате во каква состојба се наоѓа зградата и во кои услови работат лекарите, во какви услови се грижат за пациентите. Она што ќе го добиеме најсовремени услови, максимално подобра грижа за пациентите кои се лекуваат, персоналот ќе може подобро да ја извршува работата, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Се очекува активностите за модуларната болница да завршат за околу 3 недели, ако се се одвива според планираната динамика.