Македонија
17. September 2024 - 21:16

Нови владини одлуки

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани ќе биде главен преговарач со Европската Унија. Ова го одлучила Владата на денешната седница.

 „Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење на моите сограѓани рамо до рамо со нашите стратешки партнери. Задачата ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ“, порача Муртезани преку Фејсбук по назначувањето.

Тој не е единственото назначување денеска. Директор ќе добие и државниот испитен центар – Даниела Јовчевска, како и Педагошката служба со која ќе раководи Роберт Аџипетров. Владата именувала и нов национален координатор за интеркучлурализам и културен развој  - Абаз Селмани.

Владата одлучила да се направат и измени во два закони за да се воведе Регистар на возила во државна сопственост. Тие ќе добијат и таблички со посебна боја, различна од редовните, со цел да бидат позебалежителни за граѓаните и да нема нивна злоупотреба во приватни цели. 

Владата одлучила до крајот на оваа година да почне изградба или да се направи санација за 10 спортски објекти, за што ќе се потрошат околу половина милион евра. Според усвоената програма по предлог на новото Министерство за спорт, ќе почне да се гради нова спортска сала за Воената академија и тоа во кругот на касарната во Аеродром, а ќе се прави и санација на спортската сала Расадник во скопска Кисела Вода.

Ќе се раскинува договорот и со ХРЈ ДОЕЕЛ Скопје и Државна лотарија, кој беше склучен во време на претходната власт, а кој предизвика контроверзии во јавноста поради преплаќање на некои услуги. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години. 

Се формираше и ново координативно тело при Владата - Совет за управување со јавни финансии со кој ќе раководи министерката Кочовска, а во него ќе влезат и министрите Муртезани, Божиновска, Минчев и Андоновски. Членови ќе бидат и директорите на УЈП, Царина, Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки и главниот државен ревизор.