Македонија
30. May 2023 - 16:36

Новопрогласениот бугарски државјанин Христијан Пендиков се појави во Охрид за утрешното рочиште за неговото тепање

Христијан Пендиков пристигна во Охрид, а утре  ќе присуствува и на судењето во Основниот суд  . Ова е прво негово враќање во родниот град по неговото лекување во Софија, откако беше претепан на 19 јануари оваа година.

Тој утре ќе треба да го опише нападот врз него и причините за него, иако според обвинителството инцидентот се слиучил поради тоа што Пендиков се чувствувал како Бугарин.

За време на последното судење беше прикажана видео снимка од нападот над Пендиков.

Еден од напаѓачите, Илија Спасески рече дека го разбира обвинението, но не се чувствува виновен, а неговите адвокати велат дека ќе докажат дека инцидентот не се случил поради етничка омраза.

На барање на судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, на утрешното рочиште се повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

Пред околу еден месец, Пендиков стана бугарски државјанин, а церемонијата се одржа во салата во која вообичаено претседателот на Бугарија врачува ордени и пречекува странски делегации.

Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“. Откако беше претепан, Пендиков беше префрлен со бугарски владин авион во Софија каде беше лекуван, доби стан и полициска заштита.

Против него, се води и предмет во охридското обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.