Македонија
17. January 2022 - 21:22

Обдукција во Прилеп: Имало ли лекарска грешка при третман на 33-годишната почината родилка?

Денеска се изврши ексхумација на почината родилка, 33 годишната Љуљета Алиу од долненското село Црнилиште, која почина на 10 јануари околу 4 часот часот утрината, а се породила половина час после полноќ. Според неофицијалните информации со кои располагаме после породувањето започнува обилно крварење кај Алиу, лекарите се обидувале на секаков можен начин да го стопираат крварењето, но таа починува. Денеска една недела потоа телото беше ексхумирано и врз него беше направено обдукција од страна на вешти лица од судска медицина од Скопје. Таткото на починатата родилка вели дека тие само сакаат да откријат од што точно починала нивната ќерка и нејасно им било зошто никој не побарал обдукција од нив претходно.

„Како е дојдено ова не ни кажаа ништо, зошто е дојдено, од кого е дојдено, дали е грешка, дали не е грешка, не знаеме ништо. И многу ме чуди зошто обдукцијата се прави после една недела.

А кога почина вашата ќерка не ви рекоа дека е потребна обдукција?

Во 3 часот таа почина кога добивме телефонски повик од зет ми.

А на вашиот зет не му кажале дека е потребна обдукција?

Не само така е земено телото“, истакна Насуф Незири, татко на починатата родилка.

Од прилепската болница не сакаа ништо да коментираат, а додека од јавното Обвинителство од Прилеп истакнаа дека делувале по допрен глас и дека за да не се креваат тензии кај месното население во селото Црнилиште и телото на починатата родилка да се носи во Прилеп, се создале услови за обдукција на самите гробишта во селото каде истата денеска била извршена. Сега ќе се чекале  резултатите од судска медицина за да се знае точно дали ќе има некаква постапка.

Директорот пак на судска Александар Станков телефонски ни истакна дека после обдукцијата, која се вршела по барање на Јавното Обвинителство од Прилеп, се надева дека ќе имаат доволно податоци за да се утврди точната причина за смртта на родилката, иако телото е погребано веќе една недела. Ќе се направеле и други дополнителни испитувања и дека најдоцна за еден месец ќе го имале резултатот од испитувањата.