Свет
4. August 2015 - 14:12

Обесено момче за убиство кое го сторило како дете

Младо момче утринава е обесено во Пакистан и покрај тврдењата на неговите адвокати дека било малолетно при апсењето и дека од него преку мачење било извлечено признание за убиство, пренесоа британските медиуми. 

Шефкат Хусеин бил обесен рано утринава во централниот затвор во Карачи, потврди вработен во затворот.

На неговите роднини синоќа им било одобрено да го посетат за последен пат.

Извршувањето на пресудата врз Хусеин беше одложувано четири пати заради спорот дали може да се егзекутира лице кое кривичното дело го сторило како малолетник. Локални и меѓународни активисти за правата на човекот упатија остри критики кон пакистанските власти заради случајов.     

Пакистан во 2008 година воведе мораториум врз смртните казни, но набрзо оваа одлука делумно ја повлече, за во декември минатата година и целосно се откаже од неа, откако при напад на талибанците врз училиште во градот Пешавар беа убиени 150 лица, од кои повеќето беа деца. Од тогаш, за околу половина година, во земјата се егзекутирани приближно 200 лица.

Само Иран и Кина имаа егзекутирано повеќе луѓе, вели меѓународната организација за правата на човекот „Амнести интернешенел“.

Истражувањата покажуваат дека смао дел од егзекутираните имаат некаква врска со екстремизам. А правниците се едногласни дека правосудниот систем на земјата е длабоко порозен.

Адвокатите на Хусеин изјавија дека, според училишните податоци, во 2004 година, кога бил горен со цигара и ноктите му биле искорнати за да признае дека убил друго дете, имал само 17 годинаи. Според неговото семејство, пак, тој тогаш имал 14 години. Адвокатите сметаат дека семејството не го регистрирало датумот на неговото раѓање.

Британските медиуми наведуваат дека само малку полицски службеници во Пакистан се обучени да спроведат истрага и многумина од нив често пати добиваат обвиненија затоа што ги мачат осомничените за да добијат признание. Службените адвокати, пак, кои се назначувани од судот за да ги бранат оние кои се сиромашни за да си платат добра одбрана, често пати не се јавуваат во судската сала.

 -Трагите од изгореници од цигари се уште му се на рамената. Со вжарено железо му биле жигосувани и зглобовите. Овие белези се уште се таму и можете да отидете и да ги видите, рече неговиот брат Мансур на неколку дена пред егзекуцијата.

„Зошто не добивме правда од Владата? Сакаме праведност. Инсистираме процесот против брат ми да почне од ново“, рече сестра му низ солзи.

Мајка им изјави дека семејството за смртната казна на Хусеин слушнало дури пред крајот на судскиот процес. Тие биле премногу сиромашни да платат за приватен адвокат 30.000 рупии (околу 300 долари) за да го брани пред судот. Мајката, поради немање пари, само еднаш го посетила својот син во затворот и дури не ни можела да се прости од него пред егзекуцијата.