Обичаи: Секаде Иванден, во Ресен „Иванка“
Празникот „Иванка“ е еден од највпечатливите празници и препознатлив белег за градот Ресен. Овој празник е дел од богатата обредна пракса поврзана со циклусот на летни обредни празнувања, односно со прославата на летната солистиција која како своевиден пандан во рамките на христијанската религија го има празникот Иванден. Според востановената традиција, во Ресен, „Иванка“ се слави на истиот ден како и празникот Иванден, на 7-ми јули, а претпразничните подготовки почнуваат на 5-ти јули.
Но, зошто само во Ресен и ресенско, и на ниту едно друго место во Македонија, овој празник се вика „Иванка“!? Што е тоа што го разликува од класичното одбележување на Иванден, или пак, на обичајот „Тајане“ кој се изведува во Битола, Прилеп и Крушево, и кој исто така е дел од циклусот Иванденски празнувања!? Одговорот е во оваа МИА-приказна!
Според одредени елементи и сличности, празнувањето на „Иванка“ може да се поврзе и со турскиот обичај „мартифал“ , како и со бројни обичаи кои ја потврдуваат зрелоста на девојките за мажење и претставуваат еден сегмент од обредите на премин од животниот циклус на жената, вели м-р Мери Стојанова, етнолог виш кустос, во НУ Завод и Музеј-Битола.
- Првиот дел од празнувањето почнува на 5-ти јули со формирање на групи во кои има само девојчиња кои не се влезени во пубертет. Следниот ден, на 6-ти јули се вршеле повеќе обредни активности и тоа од рано наутро кога се собирало цвеќе „наваличе“ или боливач кој се користел за украсување на ѓумот и правењето „Иванка“. Изработката на куклата „Иванка“ за овој празник е еден од заштитните знаци по кои често се именува овој празник и кој на свој оригинален начин се одбележува во Ресен, односно Преспа. Правењето „Иванка“ почнува со полнење вода во ѓумот од кој подоцна се прави „телото“ на „Иванка“. Во ѓумот, секоја девојка става прстен, обетка или друг дел од својот накит, за здравје, нагласува Стојанова.
Накитот во ѓумот останува сé до моментот на „растурање“ на куклата „Иванка“. Инаку, куклата „Иванка“ се изработува од ѓум или пак од стомна која се поставувала во отпревртена положба, и притоа „стомакот“ на стомната овозможува да се формира главата на „Иванка“ врз која се цртаат очите, устата, веѓите и носот, со што таа добива веродостоен антропоморфен лик.
Главата на куклата може да се формира и од боливач, врз кој потоа се става платно на кое се црта антропоморфен лик. На така формираната глава се поставува коса која често е природна и се чува во вид на плетенки од повозрасни жени во семејството, појаснува Стојанова.
- По исцртувањето на ликот на главата на куклата „Иванка“, одредени групи од девојчињата, на куклата и ставаат шешир, или пак ја врзуваат со шамија. На телото од куклата „Иванка“ се става и фустан по избор на девојчињата. Сите активности се во функција на добивање на пореален женствен телесен облик. Но, важно е да се знае дека паралелно, додека се изработува куклата „Иванка“, во куќата каде е групата девојки, во минатото се подготвувала и храна, ручек. Бидејќи овој празник се смета за празник на девојките, присуството на обредниот ручек за мажите било строго забрането, вели Стојанова.
Според истражувањата на етнологот, виш кустос Стојанова, на денот на празничниот ручек, куклата „Иванка“ се поставувала на столица и имала почесно место крај трпезата сé до завршувањето на ручекот. Присутните гости, уживале во убавината на „Иванка“ и според сопствена желба ја дарувале „за здравје“, а најчесто дарувањето било во пари. Според верувањата, лицето што дарувало, ја допирало главата до „Иванка“, чин кој имал моќ да го заштити дарителот од главоболки во текот на претстојната година.
- Куклата „Иванка“ ја гледале сите ресенчани. Групата девојчиња, на Иванден, со организирана вечерна прошетка низ Ресен, движејќи се со песна и со запалена борина во рацете како реликт од палењето на некогашните Иванденски огнови, кои поседуваат лустративна моќ, посакувале да го заштитат населението од лошите демони, болести, вештерки и штетници. За жал, постоењето на обредна поворка денес е сосема заборавено и исфрлено од обредниот циклус, но заменето е со дневно движење низ улиците во градот и запирање на автомобилите, а со цел возачите да ја даруваат „Иванка“. Групата девојчиња ја пееле оваа песна:
„Иванден, Иван девојко,
качи се горе на диван,
Да видиш чудо големо!
Дали е сено косено,
или е поле пожнато?
Нити е сено косено,
нити е поле ожнато,
туку е мома свршена,
за едно момче Иванче.
На ливадјето кладенче,
до кладенчето дуќанче,
во дуќанчето терзивче.
Широк ми фустан шиеше,
и на Иванки даваше!“
Празнувањето на „Иванка“ завршува на 7-ми јули, со „растурање“ на обредната женска фигура. Од водата во ѓумот девојчињата ги земаат своите предмети, накитот од кој очекуваат да им донесе здравје и среќа. За здравје се зема и од боливачот кој како билка се чува во текот на целата година. Но, според истражувањата на Стојанова, времето и модернизацијата на векот си го прават своето, па често традицијата се напушта, а во колективната меморија останува куклата „Иванка“.
Во последните неколку години видливо е заживувањето на оваа некогаш жива обредна пракса, а инцијативите доаѓаат од женската популација во Ресен. Повозрасните жени помагаат во изработката на куклата „Иванка“ и изучување на обредната песна. Специфичноста на оваа обредна пракса и нејзината уникатност на територијата на Македонија ја поттикнаа Стојанова во соработка со ЈНУ „Институт за старословенска култура“ од Прилеп да подготват елаборат и предложат степен на заштита на овој празник како духовно културно наследство од особено значење, и подкатегорија „исклучително значење“ , што ќе придонесе за негово впишување во националната листа на заштитени добра.
Градот Ресен, опкружен со 43 села распоредени во двата региони - Долна и Горна Преспа се почесто размислува за промоција на традиционалната култура и највпечатливиот празник „Иванка“ преку куклата „Иванка“ како траен сувенир за секој добронамерник и посетител.
Марјан Танушевски
Ново на Сител
-
Новогодишна наградна игра: Веро доделува половина милион денари за најсреќниот потрошувач
-
Нормализиран сообраќајот на железничката линија Скопје-Велес откако локомотива од товарен воз се излизга од шините
-
Николоски од Будимпешта: Со силна поддршка од ЕУ, ја подобруваме поврзаноста со регионот и Унијата
-
Надал пред Дејвис купот: Не сум тука за да се пензионирам, туку да му помогнам на тимот
-
На влезот на Дебар спречен обид за пренос на 17 телиња
-
Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката на републичкиот обвинител за суспендирање на Хајрулахи
-
Предлог притвор за малолетник кој со нож во глава убодел 15-годишник
-
Тридневна жалост во Параќин поради смртта на петнаесеттата жртва