Објавена книга за македонската поетеса Даница Ручигај

„Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ е насловена книгата за првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература Даница Ручигај. Автори на делото се новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов.
Со оваа книга се заокружува мултимедијалниот проект кој почна со специјалната радио - емисија што под ист наслов беше емитувана во пет едночасовни продолженија во текот на јули и август 2013 година на програмата на Македонското радио - Радио Скопје по повод педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија. Ручигај загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.
Според авторите, делото е своевиден претоп на жанрот радио - емисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи, поезија и поезија за поезијата на најпоетесата меѓу македонските поетеси, Даница Ручигај.
Ручигај пред повеќе од пет децении со своите стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ ги удри темелите на т.н. женско поетско писмо во македонската поезија и со тоа ја подотвори вратата низ која по нејзините стапки достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија.
Книгата содржи авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, сеќавања на триесетина нејзини пријатели, познаници, современици и следбеници, литературни критики, есеи, избрани стихови од нејзините две антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“. Има и песни посветени на Даница, како и податоци за проекти посветени на или инспирирани од неа. Сето тоа е збогатено со ретки и оригинални фотографии на поетесата.
Рецензенти на книгата се универзитетските професори и литературни творци Васил Тоциновски и Кристина Николовска.
- „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ е капитален зафат во македонската културна историја и показ на врвно достигнување во монографскиот пристап кон македонските автори и дела и особен придонес во мултимедијата, оти е ,книга – дете’ на прекрасна и длабоко осмислена радио - емисија. Овој висок, возвишен и несекојдневен чин на културен факт, останува во врвот на македонската култура, како највредното во националната, но и светската колекција на скапоцени драгоцености. Ако Даница беше невидена поетска светлина и ако самата беше поезија, тогаш оваа книга има вонвременска димензија како и самата Даница, пишуваат рецензентите.
Искра Чоловиќ и Свето Стаменов неодамна ја објавија книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ исто така посветена на првата македонска поетеса. Тие беа и приредувачи на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај, која беше објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт и од скопскиот катастрофален земјотрес.
Ново на Сител
-

Аркин Јахији е новиот градоначалник на Брвеница
-

ДИК: Одѕивот на изборите за градоначалник во Брвеница до 18:30 часот е 52,90 отсто
-

МВР: Расчистено вчерашното насилство пред кошаркарскиот натпревар во Скопје, поднесена кривична пријава
-

Излезноста во Брвеница до 13 часот 27,81%, повисока за 7,31 процентни поени од првиот круг
-

Одбележана втората годишнина од смртоносниот пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад
-

Навивачи на „Фемили“ нападнале група навивачи на „Работнички“, тешко повреден малолетник
-

Излезноста во Брвеница до 11 часот изнесува 13,82% – зголемена во однос на првиот круг
-

Скопјанец приведен по пријава дека ѝ се заканувал на сопругата, таа пријавила и долгогодишно малтретирање
