Македонија
27. October 2021 - 19:38

Обвинителството чека услови за да се направи увид по пожарот, општинатa планира изградба на јавни инситуции

Се уште не е извршен увид на местото на бараките во Градски парк кои изгореа вчера. Од Обвинителството за Сител велат дека дежурен обвинител вчера бил известен за пожарот, но увид ќе има во текот на денешниот ден кога за тоа ќе се создадат услови. 

„Откако ќе се приберат сите материјални докази неопходни за да се утврдат причините за пожарот, до Обвинителството ќе биде доставен соодветен поднесок со известување дали пожарот настанал како резултат на кривично дело“, пишува во одговорот од Обвинителството.

Ниту надлежната општина Центар се уште нема информација што точно се случило вчера на оваа локација.

Силниот пожар на оваа атрактивна локација во Градски парк вчера беше повод социјалните мрежи да зовријат од тези дека пожарот е подметнат и дека ова место ќе никнат згради. Градоначачлникот Богдановиќ остро ги демантира овие написи и тврди дека на овој простор ќе има објект од јавно добро.

Старите судски бараки кои беа напуштени веќе 6 години вчера до темел изгореа во силен пожар за помалку од еден час. Пожарникарите интервенираа со 6 возила и 20 пожарникари 10 минути по пријавата дека локацијата гори. Зафатен беше и кровот на блискиот угостителски обкејт. Жртви нема, причинета е само материјална штета.