Од 1 март плаќање онлајн само со двојна верификација
Кодовите преку СМС за онлајн плаќања одат во историјата. Од 1 март, банките се обврзани да воведат двојна автентикација преку м-банкинг или м-токен при секое плаќање. Што тоа значи? Доколку сакате да купите нешто преку интернет, нарачката ќе мора да ја потврдите лично во официјална апликација на самата банка со пин или со биометриски податок, како отисок од прст или лице. Но, секоја банка има посебен систем, па така, нема унифициран начин на потврда за корисниците, туку тоа зависи од банка до банка.
Оваа новина ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја намали шансата за измами и кражби од платежни картички.
- Со воведувањето на засилената автентикација, дури и ако некој ги дознае податоците од вашата картичка не може да го направи или авторизира плаќањето без вашата потврда во апликацијата. Пред да одобрите во апликацијата граѓанинот може да го види износот и трговецот каде се врши плаќањето што дава дополнителна контрола и можност да се препознае сомнителна трансакција, вели Игор Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативни системи од Народната банка.
Но секоја новина носи нова можност за измама, особено за повозрасните кои се најчеста мета на измамниците.
-Особено постарата популација да внимаваат на неколку работи. Мобилната апликација да ја преземат исклучиво од официјални продавници Google Play Store или Apple App Store, и да проверат дека издавач е нивната банка. Второ, да не кликаат на линкови коишто доаѓаат преку СМС или електронска пошта и да не инсталираат апликации од неофицијални извори. Трето, да знаат дека банката никогаш нема да бара по телефон да се кажаат ПИН-овите, лозинките или да се одобрат плаќањата заради проверка. Ако добијат сомнителен повик или барање за плаќање кое не го започнале или не го пропазнаваат најдобро е да го откажат и да се јават директно во банката, вели Јанкоски.
Оваа новина доведе до забуна кај дел од корисниците кои на постовите на банките пишуваат дека добар дел од банките се уште не се подготвени, односно нивните апликации не функционираат во целост.
Од Македонската банкарска асоцијација велат дека сите кроисници се или веќе известени за новините или дополнително ќе бидат известени.
-Сите банки, во согласност со рамковните договори што ги имаат склучено со клиентите, на различни начини пристапуваат кон нивно информирање. Најчесто се користат масовни комуникациски канали, како е-маил известувања, јавни објави, како и персонализирани СМС или Viber пораки. Дел од банките подготвуваат и видео-упатства со цел појасно да се прикаже како ќе изгледа онлајн плаќањето со платежни картички со примена на засилена автентикација.
Филијалите на банките и контакт-центрите остануваат отворени и достапни за обезбедување насоки и поддршка за клиентите кои треба да започнат со користење на мобилните банкарски апликации и да добијат пристап до дигиталното банкарство, велат од МБА.
Двојната верификација на транскациите во суштина е усогласување со Европската Унија каде одамна не се користат СМС кодовите кои кај нас во моментот се стандард.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
