Македонија
25. February 2026 - 13:27

Од денес Кичево е град на културата

Денес го означуваме почетокот на културната мисија на Кичево како град на културата за 2026 година. Ова не е само титула, туку е признание за културната зрелост, истрајноста и творечката енергија што овој град ги носи со децении - рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на свеченоста, која се одржа во салата на Советот на Општина Кичево по повод отворањето на манифестацијата „Кичево - град на културата за 2026“. До крајот на годината во Кичево ќе се организираат над 150 настани, концерти, претстави, изложби на локални и реномирани уметници.

Во обраќањето пред претставници на културни институции и невладини организации министерот Љутков посочи дека за реализација на програмските активности Министерството за култура и туризам обезбеди четири милиони денари за да се истакне и поддржи квалитетна и разновидна програма, која во целост ќе го истакне културниот потенцијал на градот.

-Во текот на 2026 година Кичево ќе прерасне во целогодишна културна сцена, која достоинствено ќе ги открие богатото културно и историско наследство, мултикултурната традиција и живата современа творечка енергија. Градот ќе ја отвори својата душа преку разновидна програма, исполнета со фестивали на традиционална и модерна музика, театарски изведби и гостувања, изложби и мултимедијални проекти, книжевни настани и поетски читања, филмски вечери и едукативни работилници - рече Љутков.

Градоначалникот на општина Кичево, Александар Јованоски, посочи дека одлуката на Министерството е признание за богато културно наследство, за традицијата што со векови се пренесува и признание за современата креативна енергија што денес пулсира во Кичево.

-Кичево отсекогаш било раскрсница на култури, јазици и традиции. Град во кој различностите не разделуваат, туку збогатуваат. Град во кој песната, играта, театарот, литературата и уметноста се дел од секојдневието. Денес, со гордост можеме да кажеме дека Кичево е чувар на минатото и создавач на иднината - рече градоначалникот Јованоски.

За манифестацијата „Кичево - град на културата за 2026 година“ превидени се десетина милиони денари, од кои четири милиони се поддршка на Министерството, а преостанатиот дел се од буџетот на Општината.

Од првата недела на март, кога ќе гостува ансамблот на Драмскиот театар, па до крајот на годината, Кичево ќе биде сцена на многубројни фестивали, изложби, концерти, театарски претстави, литературни вечери и културни настани, кои ќе ги обединат локалните творци со уметници од целата држава и странство.

На свеченоста на младиот пијанист Лука Лазарески му беше врачена плакета за неговиот придонес во културата и промоцијата на Кичево.

Мистерот Љутков посетата на Кичево ја искористи за средби со преставници на институциите од културата во градот и поразговара за нивните потреби и за активностите што се спроведуваат.

 

МИА

 

Ново на Сител