Македонија
30. September 2016 - 13:21

Одбележан Светскиот ден на старите лица

Црвениот крст на Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на стари лица – 1 Октомври со партнерска средба на тема „Идни предизвици во градот Скопје за работа со лицата во трето доба“.

Според Црвениот Крст во Македонија 15 проценти од вкупното население  се стари лица над 60 години, а овозможувањето здрав и активен живот за нив претставува можност за извор и пренесување на нивното искуство. 

- „1 ви Октомври“ е Светски ден на старите лица. Како организација на која делува на територијата на Република Македонија правиме многу во промоција на грижата и она што значи користење на целокупното професионално животно искуство на лицата во трето доба. Преку четири дневни центри коишто функционираат на територијата на Градот Скопје и во седум општински организации на Црвениот крст се спроведуваат активности со цел промовирање на грижата кон старите лица, а секако и заедничко спојување на тој меѓугенерациски спој помеѓу младите и лицата од третото доба, истакна Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје.

Појасни дека волонтерските тимови се составени од медицински сестри кои што се обучени за грижа и делување во домашни услови на 120 корисници на територијата на Град Скопје. Тие, рече таа, секојдневно се присутни во нивните домови со цел за подобрување на условите за живот.

Според Дивна Лакинска, професор по социјална герантологија во пензија, активна во Црвениот крст на Град Скопје и корисник на услугите во дневните центри, социјалната заштита што ја организира Црвениот крст е корисна поради фактот дека во Македонија е зголемен бројот на старо население, како и зголемената долговечност на населението.

- Во центрите се реализираат разни форми на дружење, има социјална и медицинска едукација, дружење и разменување искуство кои влеваат нова енергија и снага во нашиот живот, рече Лакинска.

Волонтерката Елеонра Андонова појасни дека нивната обврска со постарите лица е да ги посетуваат во нивните домови, да им помогнат во пазарењето, да направат прошетки низ парковите, да разговараат со нив.