Македонија
21. February 2020 - 17:59

Одложен стартот на судскиот процес за „27 април“

Обвинителството 10-тина, а одбраната понудила 100-ци сведоци за случајот „27 април“.  Русковска смета дека тоа е обид на обвинетите за одолговлекување на судењето.

„Секој од обвинетите со последните поднесоци што ги доставија имаат побарано преку,  околу 300 сведоци секој од нив така што сметам дека судот апсолутно не треба да ги прифати сите сведоци без да се наруши правото на одбрана“, изјави Вилма Русковска, Јавен обвинител.

Адвокатите тврдат дека нема доволно материјали со кои ќе се докаже дека четворицата обвинети го  организирале крвавиот четврток. Негираат оти понудиле огромен број сведоци и сметаат дека обвинителството ги крие вистинските сторители на крвавиот четврток.

„За нашиот обвинет има предложено  10-тина сведоци за да се утврди вистината. Точно ја темелиме одбраната дека нема никакви докази особено за мојот клиент, дека имаат било каква вмешаност во ова дело. Сметаме дека обвинението е на стаклени нозе, дека нема никаква поткрепа туку само сметаме дека на овој начин нашите клиенти се жртвени јагниња за да не се открие која е вистината во овој случај. Мислиме дека обвинителството не направи напори да ги открие вистинските сторители туку направи напор само за да ги скрие и да најде некои други лица за во историјата да се впише овие лица како нарачатели“, изјави Јордан Апостолски, Адвокат на Владимир Атанасовски.

Во судница, обвинетите се пожалија дека ги немаат добиено сите докази од обвинителството, бидејќи дел биле во предметот со кој беа осудени извршителите и тој е во Апелациониот суд. Не ги добиле ниту извештаите од анализата на нивните телефонски комуникации. Сите докази судот најави дека ќе ги обезбеди до следното рочиште закажано во среда.

Обвинети за организирање на крвавиот четврток се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, екс директорот на УБК Владимир Атанасовски и поранешните министер Јанакиески и Ристовски. Одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Претходно за овој случај беа осудени 16 лица на вкупна казна од 211 години затвор.