Македонија
19. February 2025 - 16:36

Одлуките за замрзнати цени и маржи стигнаа до Службен весник

Одлуките за замрзнати цени и маржи стигнаа до службен весник. Ќе стапат во сила ден по објавувањето со што треба да поевтинат над 100 групи производи. Тоа значи дека маркетите треба да подготват нови ценовници и да стават етикети „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Рафтовите не смеат да ги оставаат празни, затоа што се обврзани да имаат најмалку 70% од количината во јануари.

Како што објави Владата, се замрзнува цената на лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и зејтинот. Освен тоа, нивната маржа се ограничува до 5%. Со маржа до 10% ќе се продаваат шеќерот, оризот, пекарските производи, свежото месо, сирењето, кашкавалот, кафето, соковите, дел од алкохолот. 15 процентна маржа добија речиси цело овошје и зеленчук, средствата за лична хигиена, детските каши.

Од новоформираната комора на трговци не се задоволни. Велат „иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1.000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3.000 до 4.000 производи. Со вакви избрзани одлуки, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата“.

Дел од маркетите побараа да бидат опфатени помалку производи оти им требало време да ги сменат цените и тоа било напорно, иако праксата покажува дека кога истекуваат мерките не им треба многу време и за еден ден на сите рафтови има нови етикети со повисоки цени.

Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска ја повика власта да прифати намалување на ДДВ-то за струјата и укинување на ДДВ-то за храната. За ограничувањето на маржите рече дека е задоцнето и ќе нема ефект.

„Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени а не овие покачени цени“ – изјави Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.

Мерката наиде на позитивни реакции и од синдикатите и од организацијата на потрошувачи. Ќе трае до крајот на април, а дотогаш пазарните инспектори секој ден ќе прават контроли и ако видат злоупотреби ќе можат да пишуваат казни и до 20 илјади евра.