Македонија
2. August 2024 - 16:35

ОЈО и МВР истражуваат има ли злоупотреба на овластувања во случајот со Косовската претседателка

Дипломатски скандал или злоупотреба на државните служби, институциите со различни верзии за случајот со претседателката на Косово на скопскиот аеродром. Последниот збор ќе го имаат истражните органи. За настанот е известен јавен обвинител кој според надлежностите ќе преземе мерки за расветлување на случајот велат од ОЈО ГОК за Сител. Од МВР велат дека за инцидентот со обезбедувањето на спикерот на Собранието, известена е внатрешната контрола на министерството за да утврди дали и како биле прекршени службените овластувања. Од полицијата не откриваат дали биле упатени закани со оружје кон аеродромското обезбедеување.

Гаши тврди дека интервенирал за да  спречи дипломатски скандал но не откри каков. Претседателот на Собранието тврди дека не ги пречекорил овластувањата и не откри дали лицето кое го посочува МВР се уште е дел од неговото обезбедување.

Косовското МНР бара официјално појаснување за случајот со кој тврдат дека била прекршена Виенската конвенција.

Министерството за надворешни работи и дијаспора со загриженост дозна за инцидентот предизвикан на скопскиот аеродром во врска со недостоинствениот однос кон претседателката на Република Косово, др. Вјоса Османи. Министерството за надворешни работи и дијаспора, преку Амбасадата на Косово во Скопје, започна со собирање информации и уште од раните утрински часови бара официјални појаснувања.

По инцидентот, од ТАВ Македонија категорично ги отфрлаат наводите дека вработен од обезбедување на аеродромот се обидел да и го одземе телефонот туку велат бил побаран да се стави на задолжителниот рентхен скрининг како и на сите други патници  за да може авионот да полета.

Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“.

Не стивнуваат реакциите од политичките партии по инцидентот. СДСМ велат јавноста е во целосна конфузија откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот.

Поранешниот функционери од ДУИ побараа прошка од Косово за инцидентот. Албанската опозиција обвини дека ова е  скандалозен  дипломатски инцидент и побара најстроги казни за односот на ТАВ кон високи претставници на една држава.  

Скандалозна е и инволвираноста на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието Африм Гаши во инцидентот, и продлабочувањето на истиот, без никаква надлежност, без да биде повикан и без право, а тоа гласно говори за мизерната и вазална позиција на нелегитимната албанска застапеност во моноетничката влада, порачуваат од ДУИ.

Претседателката на Косово Вјоса Османи патувала преку Скопје кон Словенија, таа не била во официјална посета на земјава. Според медиумите, Османи побарала помош од спикерот Гаши кој го испратил шефот на неговото обезбедување кој наводно вперил пиштол во полицаец од аеродромот по што интервенирале полициски единици.

Инцидентот предизвика бурни реакции и во Косово, тамошната опозиција бара одговори од Османи што носела во чантата па што се противела на скенирањето, власта пак бара одговорност од  Скопје.