Околу 20 маскирани лица упаднале во универзитетски кампус во Атина

Група од околу 20 маскирани лица упаднала во универзитетскиот кампус во Атина во близина на Политехничкиот факултет, при што полесно била повредена една жена, а станува збор за втор инцидент на грчки факултет за помалку од една седмица, откако во средата студент беше повреден при напад на Правниот факултет, исто така од група маскирани лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, денешниот инцидент се случил кога маскираната група со кациги и палки сакала да залепи постери во пресрет на студентските избори пред студентско бифе, а вработената им се спротивставила при што била полесно повредена, а групата паралелно нанела помали штети на објектот.
Ова е втор инцидент во изминатите пет дена, откако во среда за време на настан на Правниот факултет, помала група маскирани лица нападна студенти и професори, а еден студент со повреди на главата беше пренесен во болница.
По овој инцидентот на Правниот факултет, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во саботата свика неформален состанок за безбедноста на универзитетите со учество на надлежните владини претставници и било одлучено, во следните неколку дена, Министерството за образование да презентира конкретни предлози, кои ќе бидат преточени во итни иницијативи.
Грчки владини извори за состанокот брифираа дека ставот на сите учесници бил дека е неопходно за насилниците да постојат последици и на кривично и дисциплинско ниво.
Ново на Сител
-

Силекс и Брегалница ремизираа
-

Зеленски: Русија за една недела лансираше 2.100 дронови
-

Трамп тврди дека „негативните сили“ претеруваат во загриженоста околу вештачката интелигенција
-

Полска вознемирена откако Русија нападна воз од Киев за Варшава
-

Избрана нова влада на Косово, во ист состав како претходната
-

ДИК: Поднесени шест кандидатски листи за градоначалник на Општина Брвеница
-

Драматичен обид за бегство на криумчари кај Блаце, полицаец влечен за рака со возило
-

Старт на „Безбеден град“ во Велес, веќе за ден и пол околу 150 казни
