Македонија
19. October 2020 - 16:38

Опозицијата бара лидерска средба, власта не прифаќа

Одржување на лидерска средба е неопходно не само поради фијаското во надворешната политика со Бугарија туку и поради фактот дека Македонија во моментов има проблем на секое поле. По одбивањето на поканата на Мицкоски за лидерска средба, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот дека е лицемерен и дека се грижи само за личните бизнис интеререси.

„Дали тоа е надворешен план, економски, на здравствено поле, или на полето на образованието, ние крахираме и трокираме буквално во секој поглед. Затоа Заев наместо да ги решава сите овие работи и да седне на лидерска средба, бидејќи очигледно ниту е способен, ниту пак може да се справи со целата ситуација, нему воопшто не му е гајле за интересите на граѓаните и државата туку единствено му се важни само интересите на неговото потесно семејство, а тоа се семејните бизниси и нивниот профит, и семејните лиценци за марихуана. Затоа и бега од лидерска средба од едноставна причина, затоа што таму ќе му падне во вода секоја лага и ќе мора отворено на лидерската средба да разговара на секоја тема со лидерите на другите партии, за жал што и секоја тема ја носи во пропаст истиот тој Зоран Заев кој што е против националните интереси и работи против граѓаните“ – изјави на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Вчера премиерот Заев ја одби поканата на Мицкоски за одржување на лидерска средба оправдувајќи го својот потег со тврдењето дека лидерот на опозицијата немал став за важните прашања и бил против било каков договор, обвинувајќи го дека работи против македонските евроинтеграции.

Лидерите на власта и опозицијата на заедничка маса последен пат седнаа пред последните избори со цел да се договори датумот за нивното одржување.