Македонија
1. December 2020 - 16:40

Опозицијата со нов протест бара оставки од Заев и Османи

Деведесет минутна блокада на центарот на Скопје за оставка на Заев. “Протести сега, за да не биде предоцна”, е паролата на организаторот ВМРО ДПМНЕ преку која се искажува незадоволството од владините политики во преговорите со Бугарија.

Паралелно пред Министерството за надворешни работи и пред Владата беа одржани два собира. Се побара одговорност од премиерот Заев, како и од дипломатите Димитров и Османи, за како што обвинуваат од опозицијата, сервилните политики кон Бугарија.

Благодарејќи на нив, Македонија бира меѓу асимилација и интеграција, нагласи лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Додаде дека македонските национални атрибути не смеат да бидат опфатени со ниту еден меѓудржавен договор.

Остри критики за дипломатската политика на Владата беа упатени и пред Министерството за надворешни работи. Заев мора да направи чекор назад, за Македонија да отиде чекор напред е убедувањето од ВМРО ДПМНЕ

За протестите кои се организираат низ цела држава, од ВМРО ДПМНЕ велат дека се натпартиски и обединувачки.

Барајќи прошка од скопјани за сообраќајниот метеж, од најголемата опозициска партија најавија протест во главниот град и утре пред Владата и пред МНР од 15 часот до 16 часот и 30 минути.