Македонија
7. јуни 2026 - 16:35

Општина Ново Село продава 30 парцели за викенд-куќи во Смоларе

Во близина на Смоларскиот водопад ќе никне викенд населба со типски куќи. За таа цел, општина Ново Село веќе подготви 30 градежни парцели кои ќе бидат ставени на продажба.

Станува збор за атрактивна локација на самиот влез во селото Смоларе, каде локалните власти планираат дополнително да го развиваат туризмот и да создадат нови сместувачки капацитети.

Секоја од парцелите е со површина од 500 квадратни метри, а услов за идните сопственици ќе биде изградба на куќите според проектот  предвиден од општината. Од локалната самоуправа велат дека веќе имаат подготвено идејно решение за изгледот на куќите, а ќе ја  обезбедат и потребната инфраструктура.

Иако општината со своите природни убавини секојдневно привлекува голем број туристи, поради недостигот од сместувачки капацитети, најголем дел од посетителите тука остануваат само неколку часа.

Според градоначалникот на општина Ново Село, реализацијата на овој проект треба да придонесе за отворање нови сместувачки капацитети, што е еден од клучните предуслови за понатамошен развој на руралниот туризам.

Минатата година Општина Ново Село веќе продаде дваесетина вакви парцели во близина на Мокрино. За 14 од нив веќе има издадени одобренија за градба, додека останатите инвеститори се во постапка за обезбедување проектна документација и подмирување на комуналните обврски.

Сите инвеститори се македонски државјани, а половина од нив се иселеници кои решиле да инвестираат во својот роден крај.