Свет
8. July 2024 - 10:39

Орбан неочекувано ја посети Кина

Виктор Орбан стигна во неочекувана посета на Кина за да разговара со Шји Џинпинг за можен мировен договор за Украина, што следува по неговите средби со Володимир Зеленски во Киев и Владимир Путин во Москва. Тие се сретнаа во Пекинг, што унгарскиот премиер го опиша како трета станица од неговата мировна мисија, на која тргна без официјална поддршка од Европската комисија или Украина.

Орбан ја почна оваа турнеја набргу откако Унгарија го презеде шестмесечното претседавање со Европската Унија, иако призна дека немал мандат од Брисел за да се сретне со Путин.

„Мировна мисија 3.0“, напиша Орбан на Икс набргу откако слета во Пекинг.

Тој ја опиша Кина како стабилизирачка сила среде светските турбуленции.

Кина, која исто така има блиски врски со Русија, го промовира мировниот план со шест точки, што го објави со Бразил во мај, предлагајќи мировна конференција во соодветно време со рамноправно учество на Русија и Украина. Киев се обидува да обезбеди широка меѓународна поддршка за неговите предлози за крај на војната пред да почне разговори со Путин, па минатиот месец одржа голема мировна конферецнија во Швајцарија, на која Русија не беше поканета.

„Меѓународната заедница треба да создаде услови за продолжување на директниот дијалог и за преговори помеѓу двете страни и да обезбеди помош. Во интерес на сите страни е да се најде политичко решение низ рано примирје“, му рекол Шји на Орбан.

Патувањето на Орбан во Кина доаѓа неколку дена пред самитот на НАТО во Вашингтон, на кој Украина треба да биде главна тема.