Живот
5. јуни 2023 - 15:34

Организаторите на Европското првенство во танци 2023 најавуваат возбудлив состав и почеток на натпреварите

Денес, 05.06.2023, во СЦ Борис Трајкоски беше одржана прес-конференција по повод Европското Првенство во танци 2023. Истата беше можност за организаторите да ја споделат својата визија, да ја истакнат важноста на настанот и да дадат дополнителни детали за првенството. Почитувани членови на организацискиот одбор во состав Карстен Рот, супервизор на првенството, Кирстен Дан Јенсен, Генерален секретар на Интернационалната танцова федерација, Предраг Катаниќ, модератор на првенството и Трајче Петковски, потпретседател на Интернационалната танцова федерација и член на организациониот тим, се обратија пред медиумите, изразувајќи ја својата возбуда и благодарност за огромната поддршка добиена од земјите учеснички, спонзорите и танцовата заедница во целост.

„Големо е задоволството што сме тука во Македонија и што токму Скопје е домаќин на еден ваков голем настан. Ветуваме дека во наредните денови ќе направиме одлична забава“, изјави Предраг Катнич, Модератор на првенството. 

Многу очекуваното Европско првенство во танци 2023 започнува на 6-ти јуни и ќе трае до 10-ти јуни. Овој престижен настан ќе собере повеќе од 30 земји од цела Европа, покажувајќи го извонредниот талент на најдобрите танчери од Европа. Првенството служи како платформа за прикажување на уметноста, креативноста и културната разновидност на европската танцова заедница.

Скопје како домаќин на првенството ќе ја прослави уметноста, креативноста и културната разновидност што напредува во рамките на европската танцова заедница. Љубителите на танцот, професионалците од индустријата и гледачите можат да се радуваат и да бидат сведоци на незаборавна екстраваганција на грациозност, прецизност и страст.

СЦ Борис Трајкоски во наредните денови ќе биде место каде танчерите од секоја земја учесничка ќе се натпреваруваат во различни категории, вклучувајќи современи и хип-хоп танци.

„Исклучителна чест и задоволство е да се организира Европско првенство во Скопје. 2600 натпреварувачи, преку 20 земји од Европа, тоа е 50 проценти повеќе натпреварувачи од минатата година, што го потврдува фактот дека минатогодишното првенство било во најдобар ред, а ние ветуваме дека и оваа година ќе биде исто. Имаме барање за организирање на уште поголеми настани, и ќе стремиме кон тоа, Македонија да биде домаќин на вакви културни настани што е можно почесто. Тука сите се чувствуваат како да се дома, а ние се надеваме дека ова нема да биде последна година Скопје да биде домаќин на Европско првенство во танци“. – дополни Петковски во своето излагање.

Во склоп на првенството ќе има низа настани и активности кои ќе ги ангажираат и забавуваат танцовите ентузијасти од сите возрасти. Присутните ќе имаат можност да учествуваат на работилници, да присуствуваат на мастер-класови предводени од реномирани танцови инструктори и да се вклучат во дискусии за иднината на танцот во Европа.

На прес-конференцијата свое обраќање имаа и Карстен Рот, Супервизор на првенството и Крис Петљак, Капитен од Германија, кои веќе втора година по ред учествуваат на првенството. 

„Многу сум среќен што веќе втора година по ред сме тука. Сакам да се заблагодарам на Трајче за сѐ што прави за ова првенство. Возбудени сме за утрешниот ден“,- изјави Крис Петељак.

Овој исклучителен настан е овозможен преку заедничките напори на најпознатите танцови групи во Македонија – Брејк А Лег и Ит Д Бит, спонзорите и партнерите кои имаат заедничка страст за промовирање на танцот како уметничка форма и средство за културно изразување.