Македонија
24. October 2021 - 16:32

Оризопроизводителите разочарани поради неисполнетите ветувања

Излагани, разочарани и понижени, оризопроизводителите не ги добија ветените 3 денари субвенции за предаден килограм арпа, ниту се покачи откупната цена. Половина од ланската реколта им стои по амбарите, а засега лиценцираните откупувачи немаат интерес за откуп. Приморани се да одат по пазарите, за да заработат и да ги подмират основните трошоци.

- Нема да ги дадат тие 3 денари. Не го земаат оризот, арпата не ја купуваат или ќе ја земе за 15-14 денари, ќе те уценува, изјави Тоше Данаилов, оризопроизводител од с. Чифлик.

- Со таа цена сме 100% во загуба, затоа што кога ќе се платат ѓубривата, пестицидите, жетвата, биењето(белењето), рандманот, за нас нема ништо, изјави Петре Димитров, оризопроизводител од с. Чешиново.

Обилните врнежи од дожд ја запреа и пролонгираа жетвата, приносите ќе се намалат, што дополнително ги деморализира оризопроизводителите, посебно младите луѓе кои се занимаваа со оваа дејност.

- Младите избегаа, видоа дека не бива, вели Димитров.

- Народот повеќе не е заинтересиран да работи. Нема откуп, нема работници, нема млади, само стари луѓе останаа, нема кој да работи, изјави Данаилов.

Оризопроизводителите неколку пати протестираа со блокада на патот Штип – Кочани, но досега никој од надлежните не одговори на нивните барања.