Loading Video...
Македонија
20. December 2024 - 16:35

Оштетена македонската амбасада во Киев при руски ракетен напад

Во руски ракетен напад утринава погодена е македонската амбасада во центарот на Киев. Од МНР информираат дека за среќа во моментот на нападот амбасадата била празна, па причинета е само материјална штета. Македонија во моментов нема амбасадор во Украина, па дипломатско-конзуларното претставништво го води вршител на должност. 

При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.

Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на самото место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти МНР.

Од украинското МНР потврдуваат дека покрај македонската, оштетени се уште 5 други амбасади. 

- Денеска во Киев, како резултат на ракетен напад, беа оштетени неколку амбасади. Донесов неколку слики за да ви покажам како изгледа. Можете да видите автомобил со дипломатска табличка што припаѓа на една од дипломатските институции. Еве ја внатрешноста на амбасадата. Тука е и внатрешноста на амбасадата. Сите овие амбасади се сместени во истата зграда, која беше тешко оштетена од рускиот удар: амбасадите на Албанија, Аргентина, Палестина, Северна Македонија, Португалија и Црна Гора, вели Хеорхиј Тихи, портпарол на МНР на Украина

Нападот го осуди и Европската комисија. 

- Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.

Според официјалните извештаи пак ниту македонската ниту останатите амбасади не биле директна цел на рускиот напад, туку објект на безбедносно-воените служби на Украина кој се наоѓа во непосредна близина.