Македонија
29. January 2023 - 16:37

Османи и Ќучук: Странски фактор креатор на инцидентите

Новата декларација од Бугарија е доказ дека бугарските барања немаат крај, сметаат од ВМРО ДПМНЕ. Според потпретседателот на партијата клучен проблем е што нашата Влада не ги почитува црвените линии од сопствената резолуција во односите помеѓу Македонија и Бугарија донесена во македонското собрание.

Во документот со 9 точки усвоен од Комисијата за надворешни работи  на народносто собрание на источниот сосед меѓу другото се изразува загриженост дека може да ескалира антибугарската кампања во земајва и ги повикуваат властите во земјава да преземат мерки против говорот на омраза кон бугарите во Македонија.

- Прво со овој предлог на Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на Бугарското народно собрание  одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ бараат државата сериозно да ги испита наводите за странска вмешаност во креирањето на проблемите и директното негирање на Македонија и македонскиот народ. Да се провери финансирањето на здруженијата кои тераат антимакедонска политика. Владата да излезе со посериозна реакција на било кое негирање на македонската нација, историја и јазик и да побара доследно спроведување на пресудите од Стразбур за почитување на правата на Македонците во Бугарија, потенцираат од опозициската партија.

И  бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук и министерот за надворешни работи на Македонија во последните интервјуа посочуваат дека странски фактори се креатори на последните случувања во македонско – бугарските односи. Според Османи на Руската федерација и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот.

- Има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да бидат во добри односи. Тоа се оние луѓе кои не сакаат РСМ да биде дел од Европската Унија. Тоа се оние луѓе кои не сакаат нашата држава да има влијание бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ, изјави европратеникот Илхан Ќучук за „БТВ“.

- Дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во неделното интервју на РСЕ.

За однесувањето на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој постојано ја негира и навредува Македонија и за кој Советот за безбедност препорача да му се забрани влез, но Владата не донесе таква одлука, Османи вели дека бугарското општество го отфрлило на последните избори, нашето општество штотуку му обезбедило на Џамбаски уште еден мандат во Европскиот Парламент, создавајќи од него некаква политичка ѕвезда од тотален маргиналец во Бугарија.