Македонија
22. October 2021 - 16:41

Оставка на член на македонско - бугарската комисија: Работиме под политички притисок, се носат штетни одлуки

Политички притисок и напуштање на македонските црвени линии. Ова се причините поради тимот македонски историчари остана со едно празно столче. Ванчо Ѓоргиев повеќе нема да учествува во работата на мешовитата историска комисија, а во својата оставка наведе дека одлуката ја донел раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи.

Ѓоргиев вели дека за ваквиот чекор се решил на вчершаниот прв ден од новата средба на историчарите, кога, како што наведува, врвот од македонското МНР се вмешал во нивната работа. 

“Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден на 15-та редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок”, нагласува Ѓоргиев.

Професорот вели дека не сакал да даде согласност за предлог идеите и промените кои се однесуваат на македонските учебници по историја. Според Ѓоргиев, тие би биле во целосна спротивност со македонските црвени линии.

“Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29-ти јули од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“, пишува Ѓоргиев во писменото соопштение до јавноста.

Шефот во македонското МНР, пак, со став - Министерството никогаш не се мешало во работата на историчарите. На првиот ден работа немаше ништо револуционерно што би го мотивирало Ѓоргиев за овие обвинувања, ниту пак потреба за политички притисок, вели Османи.

“Во однос на динамиката, форматот, да...но во однос на содржината на нивната работа никогаш не се мешаме во одлуките кои ги носат...Секој има право да напушти, работата продолжува...”

Реагираа и колегите на Ѓоргиев

"Сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии. Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“, е ставот на Комсијата.

Што се однесува до самата суштина – напредок по историските прашања нема. Османи вели дека повеќе го вознемирува овој факт, отколку тоа што македонскиот дел од Комисијата останува без еден член.