Откупена половина од годинешната реколта на тутунот
До вчера се откупени 11.370.000 кг. на тутун што е околу полoвина од годинешната реколта. Според Сојузот на тутунарски здруженија во моментов имало трка кај откупувачите кој ќе откупи повеќе килограми на тутун, а доколку продолжела ваквата динамика целиот род ќе се откупел за 10 до 15 дена. Во моментов тутунот се откупувал само во прва класа, а просечната цена е 419 денари за килограм.
„Динамиката е зголемена затоа што тутунопроизводителите се задоволни од самиот начин на купување на тутунот, се купува сето на прва класа, во моментов не се одбива кало, просечната цена е 419, 86 денари, со оваа цена се задоволни тутунопроизводителите и сакаат што поскоро да си го предадат тутунот и да си ги добијат заработените пари “, вели Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.
Оние пак тутунопроивзодители кои произведуваат квалитетен тутун, не се задоволни со сегашните цени и начин на откуп. Бараат да се откупува по класи, затоа што сега се се откупува во една класа.
„На пример првата класа доаѓа како трета класа, нека го ценат по класи, а не се да биде исто. Секој не вложува ист труд за тутунот. Треба да има ценовник по класи, како што е според Законот за тутун“, истакна Аце Наумоски, тутунопроизводител на Прилеп.
„Генерално сум задоволен, на почетокот беше што би рекле ние народски „повуци – потегни“ но сето тоа се нормализира. Сега мора да кажам дека тутунарите се надеваа на 20 до 30 денари повисока цена, но од икс причини не се успеа во тоа. Но генерално сме задоволни“, додаде Ристо Џамбазов, тутунопроизводител на Прилеп.
Од Сојузот на тутунарски здруженија велат дека со идните измени на Законот за тутун кои се во тек, ќе бараат без нивни потпис и согласност за откупната цена да неможе да се склучуваат договори.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
