Македонија
24. October 2021 - 16:31

Палењето на стрништата штетно за животната средина но и за земјоделското земјиште

Со започнувањето на грејната сезона започна и големото загадување на воздухот во Македонија. Еден од факторите за загадување е и палењето на стрништата, негативна пракса кај македонските земјоделци која се пренесува како традиција. Беџет Исламоски од прилепското село Канатларци е еден од поголемите земјоделци во Пелагонија со околу 100 хектари засадени со житарица. Апелира да не се палат стрништата туку стрнката да се употреби како природно ѓубриво.

„Aпелираm да се ора стрништето и да се прави од тоа ѓубриво. Јас имам купено дробилкка да ја дробам сламата за да таа ја користам како ѓубриво. Во иднина одиме на поголем принос. А тие што мислат дека ќе запалат го уништуваат земјиштето 5 до 10 сантиметри во длабочина и потоа се паѓа на принос“, вели Беџет Исламоски, земјоделец.

И од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија истакнуваат дека земјоделците немаат буквално никаков бенефит од палењето на стрништата, напротив дури ќе имаат и помал принос.

„Доколку стрништето се заора, не се запали, ние ќе имаме посигурна почва која ќе има хранливи материи, а обратно доколку се запали тогаш јасно е дека нема што да очекуваме освен тоа што земјата сака природно да го даде“, рече Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.

И експертите велат дека со палењето се прави повеќе кратна штета врз почвата и се уништуваат сите корисни микроорганизми.

„Самите остатоци во себе содржат одредени хранливи материи кои со нивното разложување би биле добра храна и подлога за наредната култура. Жетвените остатоци се посебно богати со калиум“, изјави Горанчо Томески, советник за земјоделство и рурален развој при Агенција за поттикнување на земјоделскиот развој.

Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека за да се спречат ваквите негативни појави се разгледувало и воведување законски решенија.

„Исто така се размислува сериозно и за измена на законските прописи, во некои држави од ЕУ, особено тие во регионов, во случај да биде фатен сторителот на палењето на стрништето му се одзема правото на субвенции и тоа дава резултати“, потенцираше Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Невладината организација Рурална Коалиција го имплементра проектот „Стоп за палењето на стрништата“ чија цел е да се зајакне свеста кај земјоделците да престанат со оваа пракса. Во рамки на проектот е направено едно истражување во кое се опфатени 150 земјоделци.

„Најголемиот дел од земјоделците дури 72% сметаат дека палењето на стрништата ниту е штетно, ниту пак е причина за предизвикување на пожарите, што за нас беше загрижувачки како факт“, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Според одрени сознанија годишно во Македонија горат од 11 до 15.000 хектари, а причина за голем дел од тие пожари е токму палењето на стрништата.