Бизнис
4. July 2020 - 16:22

Партиите ветуваат инвестиции во инфраструктурата

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ветуваат инфраструктурен бум ако ја добијат довербата на народот на изборите. Опозицијата тврди дека сите проекти кои тие ги започнале сега се стопирани. Александар Николоски, денеска во Прилеп вети брза изградба на пат што ќе го поврзе Скопје со Пелагонија.

„Знаете дека експресниот пат којшто се градеше од Градско до Прилеп е стопиран. Од моментот на постојното патно решение има неколку семафори коишто навистина го прават патувањето невозможно. Мотив плус веднаш после победата на изборите на 15 јули да работиме за брза реализација на нашето клучно ветување за следните четири години, автопатско поврзување на Велес, Градско, Прилеп, Битола до грчка граница“, изјави Николоски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев пак вели дека пред три години кога ја презеле власта ги дочекал инфраструктурен хаос и негрижа. Затоа почнале планска изградба.

„Декада криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ, парите да се трошат на стиропор, барок и споменици оставија тешки последици врз инфраструктурата, и промашени траси и тунели на кои едвај чаре им се наоѓаше. 120 милиони беше финансиската штета само од автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Парите на граѓаните ги есапеле како расипници, а не како домаќини. Трошеле како да ќе нема утре“, изјави Заев.

Во програмите на двете партии модернизацијата на инфраструктурата е еден од главните сегменти. Власта најавува 260км автопати, 300км експресни патишта, рехабилитација на 1500км постоечки патишта. Опозицијата пак најавува дека ако добие мандат во инфраструктурата ќе бидат вложени 2 милијарди евра.